• понеделник, 23 декември 2024

Гардијан: Германија ги постигна климатските цели во 2020 година

Гардијан: Германија ги постигна климатските цели во 2020 година

Берлин, 16 март 2021 (МИА) - Германија ги постигна своите национални климатски цели за 2020 година, при што пандемијата помогна да се постигнат најголемите намалувања на емисиите во последните три децении во најстабилната економија во Европа, објави „Гардијан“. - Минатата година емисиите на стакленички гасови беа околу 41 отсто пониски отколку во 1990 година, што претставува најголем годишен пад во повеќе од три децении, рече министерката за животна средина Свенја Шулце.

Според неа, „јасно е дека пандемијата на коронавирусот го поттикна намалувањето на емисиите“.

- Сепак, катастрофите и економските кризи не можат да ја заменат здравата климатска политика и одржливото преструктуирање на нашата економија, додаде Шулце.

Годишните податоци, објавени денеска, покажуваат дека Германија испуштила 739 милиони тони стакленички гасови во 2020 година, што е намалување за 70 милиони тони во споредба со нивото од 2019 година. Има значителни намалувања во клучните области.

Откако беа прекинати летовите, а продавниците затворени додека владите се обидуваа да го спречат ширењето на коронавирусот, емисиите во секторот транспорт паднаа за 11,4 отсто, а оние во енергетскиот сектор за 14,5 отсто.

Единствениот сектор што не ги исполни своите цели во 2020 година беше секторот за домаќинства, а Шулце истакна дека луѓето поминувале повеќе време дома со греење за време на пандемијата.

Германија започна да ги исполнува своите цели од 2021 година со затворање на електроцентралата  во близина на Келн, како дел од фазното исклучување на јагленот до 2038 година. паг/

Остани поврзан