• сабота, 06 декември 2025

Гардијан: Велика Британија ги одбива украинските бегалци, предлага преселба во „безбедните“ делови на земјата

Гардијан: Велика Британија ги одбива украинските бегалци, предлага преселба во „безбедните“ делови на земјата

Лондон, 27 јуни 2025 (МИА) – Велика Британија почна да ги одбива барањата за азил на Украинци, тврдејќи дека барателите можат безбедно да се преселат во други делови од Украина, објави весникот „Гардијан“.

Лондонска адвокатска фирма за „Гардијан“ изјави дека секоја недела добива барања од Украинци чии молби за азил се одбиени со образложение дека не ги исполнуваат условите за прогон според Конвенцијата за бегалци, бидејќи можат да се преселат во побезбедни региони во Украина, како Киев или западните делови. Во писмата за одбивање се наведува и достапноста на јавните услуги во Украина и се препорачува барање помош од Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) и локалните организации.

Според фирмата, зголемениот број одбиени барања е поврзан со новите насоки на британското Министерство за внатрешни работи од јануари, според кои Киев и западна Украина се сметаат за „генерално безбедни“.

Статусот на бегалец во Велика Британија овозможува петгодишен престој со право на работа, социјална помош, здравствено осигурување, поддршка за сместување и спојување на семејството.

Велика Британија нуди и привремени визи преку програмите „Домови за Украина“ и „Украинско семејство“, кои дозволуваат престој до 18 месеци. До март 2025 година, издадени се над 270.000 визи. Портпарол на Министерството за внатрешни работи изјави дека земјата обезбедила или продолжила заштита за над 300.000 Украинци од почетокот на војната во февруари 2022 година, нагласувајќи дека барањата за азил се разгледуваат индивидуално, а програмата „Домови за Украина“ останува отворена.

Според податоците на Евростат, околу 4,3 милиони Украинци добиле привремена заштита во ЕУ до март 2025 година. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан