Гала Матевска за песната „Студ“ добитник на наградата „Енхалон“
- Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на 64. Струшки вечери на поезијата, соопшти денеска НУМ Струшки вечери на поезијата.
Струга, 25 август 2025 (МИА) - Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на 64. Струшки вечери на поезијата, соопшти денеска НУМ Струшки вечери на поезијата.
Одлуката, како што е наведено, ја донела тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески (член) и Пепи Стамков (член).
- Песната „Студ“ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина, стои во одлуката на жири-комисијата.
Струшките вечери на поезијата завршија синоќа со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка, „Браќа Миладиновци“ на македонската поетеса Јулија Величковска и „Мостови на Струга“ на Матеуш Шимчик од Полска. сс/вј/
Фото Струшки вечери на поезијата