• понеделник, 23 декември 2024

Галант ја одложи средбата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

Галант ја одложи средбата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

Вашингтон, 8 октомври 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант го одложи патувањето во САД планирано за оваа недела, и планираниот состанок со неговиот американски колега Лојд Остин, соопшти Пентагон.

„Информирани сме дека министерот Галант ќе го одложи своето патување во Вашингтон. Секретарот Остин со нетрпение очекува да се види со него наскоро“, изјави за новинарите заменик-секретарот за печат на Пентагон, Сабрина Синг, без да наведе причина за откажувањето.

Израелските медиуми, цитирајќи „извори запознати со ситуацијата“, соопштија дека премиерот Бенјамин Нетанјаху му наредил на Галант да го одложи патувањето додека не разговара со американскиот претседател Џо Бајден, а исто така и додека израелската влада не го одобри нејзиниот одговор на иранскиот ракетен напад минатата недела.

Синг рече дека Вашингтон се консултира со Израелците за нивниот одговор на нападот, кога Иран лансираше околу 200 балистички ракети кон Израел.

„Се уште разговараме со нив за нивниот одговор. Само нема да шпекулирам дополнително како тоа би можело да изгледа“, рече Синг. зш/
фото ЕПА

Остани поврзан