• понеделник, 23 декември 2024

„Газпром“ ја прекина испораката на гас за Италија - проблем наводно е транспортот низ Австрија

„Газпром“ ја прекина испораката на гас за Италија - проблем наводно е транспортот низ Австрија
Рим, 1 октомври 2022 (МИА) – Руски „Газпром“ ја прекина испораката на гас за италијанската компанија „Ени“, наведувајќи го како проблем транспортот преку Австрија, соопшти денеска италијанскиот енергетски гигант, додавајќи дека работи на решението на проблемот. „Газпром“ ни соопшти дека не може да ја потврди испораката на потребните количества за денеска, а како причина ја наведе неможноста за транспорт на гасот преку Австрија“, соопшти „Ени“, пренесе Радио Слободна Европа. Италијанската компанија додаде дека од овие причини „ќе биде суспендиран протокот на руски гас до нив преку влезната точка во Тарвизио“. Поголемиот дел од рускиот гас испорачан во Италија минува низ Украина, а потоа преку Трансавстрискиот гасовод (ТАГ) до Тарвизио, во северна Италија, на границата со Австрија. Од почетокот на инвазијата врз Украина, на 24 февруари, европските земји и Русија се расправаат околу снабдувањето на ЕУ со природен гас. Европската унија посочува дека Москва го користи гасот како економско оружје, што таа го негира, обвинувајќи го влијанието на западните санкции за какви било прекини во снабдувањето. „Газпром“ на каналот Телеграм наведе дека проблемот со испораката на гас во Италија е поради регулаторните промени во Австрија. Рускиот државен енергетски гигант соопшти дека транзитот на гас преку Австрија бил суспендиран откако мрежниот оператор во земјата одбил да ги потврди номинациите за транспорт. Портпаролот на „Ени“, меѓутоа, кажа дека Австрија и натаму  добива гас на границата со Словачка. Пред војната во Украина, Италија увезуваше 95 отсто од својот гас.  од кој околу 45 отсто доаѓаше од Русија. Италијанскиот премиер во заминување Марио Драги потпиша нови договори со други производители на гас за намалување на зависноста од Русија, така што од јуни таа изнесува 10 отсто, додека увозот од Алжир и нордиските земји расте, а се забрзува транзицијата кон обновливи извори на енергија. сд/

Остани поврзан