Габриела Илиевска: Ветувам секој денар на битолчани ќе биде искористен за битолчани
- Ветувам секој денар на битолчани ќе биде искористен за битолчани, а на почетокот од мандатот мора да го исчистиме градот од смет, валканици и отпад, бидејќи е премногу валкан, стакна вечерва во Битола Габриела Илиевска, независен кандидат за градоначалник.
Битола, 6 октомври 2025 (МИА) - Ветувам секој денар на битолчани ќе биде искористен за битолчани, а на почетокот од мандатот мора да го исчистиме градот од смет, валканици и отпад, бидејќи е премногу валкан, стакна вечерва во Битола Габриела Илиевска, независен кандидат за градоначалник.
Габриела Илиевска и кандидатите за членови на Советот на Општина Битола од независната граѓанска листа „Поинаку“ на вечерашниот промотивен настан побараа поддршка за како што рекоа да ја направат Битола подобро катче за живеење.
-Благодарение на советничката листа „Поинаку“ граѓаните дознаваат за активностите на Советот на Општина Битола и секаде каде што ќе се појавиме ништо неможе да се скрие или украде. Годинава водиме историска кампања за Битола да си ја вратиме назад, да ја ослободиме од сите партиски притисоци, да покажеме на младите дека вреди да учат, да веруваат во својот град и вреди да останат во Битола. Бараме поддршка затоа што избравме да победиме, а не да се продадеме или да се тргнеме од политичката сцена, истакна Илиевска, кандидатка за градоначалник на Општина Битола.
Во програмата на Илиевска и здружението „Поинаку“ издвоени се десет програмски приоритети утврдени од битолчани, меѓу кои -не за депонија за 18 општини, нови луици низ цел град во еден мандат, гондола на Пелистер, бесплатен јавен превоз за сите, без бездомни кучиња по битолските улици, нови паркинзи и катни гаражи, шелтер за жени и деца жртви на насилство.
-Да направиме Битола да биде подобро катче за живеење. Време е Битола да биде независна, рече меѓудругото на вечерашната промоција носителот на листата кандидати за советници од „Поинаку“, Миле Трајковски. мт/сст/
Фото: МИА