• четврток, 26 декември 2024

Вјоса Османи: Секој успех на Косово го носи печатот на САД

Вјоса Османи: Секој успех на Косово го носи печатот на САД

Приштина, 20 мај 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по денешната средба со заменичката-помошник секретар на САД во Бирото за демократија, човекови права и труд при Стејт департментот, Никол Чулик нагласи дека „секој успех на Косово го носи и печатот на САД“ и ги потврди заложбите за понатамошно продолжување на соработката меѓу двете држави во тој дух, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Османи, таа со Чулик, меѓу другото, разговарала и за „значењето на успешното завршување на членството на Косово во Советот на Европа“ и порачала дека зачленувањето во европската организација би било дополнителна гаранција за зачувување и промоција на човековите права, демократијата и владеењето на правото во Косово.

„На средбата се дискутираше за најновите случувања, понатамошно продлабочување на соработката меѓу Косово и САД, како и континуираните постигнувања на Косово во јакнењето на демократијата, владеењето на правото и човековите права. Во врска со човековите права, претседателката Османи изјави дека Косово има најнапредна правна рамка во Европа, која произлегува од Уставот на Републиката“, се вели во соопштението.

Во таа насока, Османи ги нагласила „заложбите на Косово за зачувување на мултиетничноста и заштитата на човековите права за сите косовски граѓани, без разлика на нивната припадност“.

Чулик за време на престојот во Косово денеска се сретна и со премиерот Албин Курти. иа/ссм/

Остани поврзан