• понеделник, 23 декември 2024

Вучиќ со ММФ за фискална, монетарна и енергетска стабилност на Србија

Вучиќ со ММФ за фискална, монетарна и енергетска стабилност на Србија
Белград, 1 ноември 2022 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се сретна со делегација на Меѓународниот монетарен фонд, со која разговараше за фискалната, монетарната и енергетската стабилност, јави дописникот на МИА од Белград. Соговорниците констатирале дека Србија во првата половина од годинава имала добар раст на БДП од 4,1 отсто, но дека до крајот на годината може да се очекува забавување на реалниот раст до 3 отсто, поради кризата во Украина, што предизвика економски проблем на глобално ниво. Во таа насока, претставниците на ММФ инсистирале на построга монетарна и фискална политика и во рамки на тоа предложиле соодветни мерки, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија. Вучиќ се заблагодарил за предлозите и посочи дека од почетокот на фискалната консолидација во 2014 година, Србија секогаш ги почитувала препораките на Меѓународниот монетарен фонд и имала активен аранжман со оваа институција. На средбата соговорниците разговарале и за енергетската безбедност. Вучиќ во оваа прилика истакнал дека главна цел е развивање инвестициски план за енергетскиот сектор со проекти како што е изградбата на нови гасни интерконектори кои ќе ја подобрат енергетската безбедност и ќе го стабилизираат производството на електрична енергија. Овој план ќе биде претставен во ажурираната Стратегија за развој на енергетиката на Република Србија, која ќе содржи проекции до 2050 година, се наведува во соопштението. паг/

Остани поврзан