• среда, 25 декември 2024

Вучиќ, Радев и Алиев ја пуштија во работа гасната интерконекција Србија –Бугарија со азербејџански гас

Вучиќ, Радев и Алиев ја пуштија во работа гасната интерконекција Србија –Бугарија со азербејџански гас

Белград, 10 декември 2023 (МИА) - Претседателите на Србија, Бугарија и Азербејџан Александар Вучиќ, Румен Радев, Илхам Алиев, како и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре во Трупале кај Ниш денеска ја пуштија во употреба гасната интерконекција Србија-Бугарија, јави дописникот на МИА од Белград.

При обиколката Вучиќ изјави дека Србија со пуштањето на интерконекторот ќе обезбеди диверзификација и алтернатива во снабдувањето со гас и дека во иднина ќе биде побезбедна земја во однос на енергетската безбедност.

-Србија сега ќе може да купува гас на отворен пазар на седум терминали, рече Вучиќ, а бугарскиот претседател прецизираше дека во моментов гас може да се купува на шест терминали, а од март ќе може да се купува и на седум терминали.

На самото отворање Вучи не зборуваше поради изборните правила во Србија, а говореше министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, која посочи дека се работи за важен проект, меѓународен гасовод кој е важен за позиционирањето на Србија за снабдување со гас на Централна и Источна Европа, но и за понатамошна гасификација на јужниот дел на Србија и градовите кои се исклучително важни за економскиот развој на Ниш, Пирот, Димитровграда, Бела Паланка.

-Во однос на нашата соработка со Азербејџан, најпрво ви благодариме што за исклучително кратко време успеавме да се договориме за сите детали за испораката на гас и дека во иднина ќе имаме можност да добиеме дополнителни количини гас од овој земја, повторно преку Бугарија Овој гасовод ќе ни овозможи и поврзување со ЛНГ терминалот за природен гас во Грција, во Александрополис, така што земјите кои се во енергетска криза се покажаа како најотпорни и да најдобро ја поминуваат кризата оние кои имале различни извори на снабдување, кажа Ѓедовиќ.

Таа посочи дека овој проект дава дополнителен извор покрај изворот Балкански поток, и се заблагодари на ЕУ за финансиската поддршка од донација од 49 милиони евра.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, истакна дека овој настан ќе придонесе за енергетската безбедност на Србија и Бугарија, но и на Европа, а Србија е деветта земја во која ќе извезува.

-Убеден сум дека овој интерконектор ќе придонесе за индустрискиот развој на Србија. Азербејџан ќе го удвои извозот на гас во Европа до 2027 година, фокусирајќи се на повеќе од 8 милијарди кубни метри што се извезени досега за да ја достигне целта од 12 милијарди кубни метри оваа година, што е 50 отсто од вкупниот извоз на земјата, рече Алиев.

Претседателот на Бугарија Румен Радев изјави дека гасниот интерконектор е симбол на успешна и плодна соработка меѓу Србија, Бугарија и Азербејџан.Соработка која води до одржлив економски раст во регионот и израз на волја за заедничка градба на европската иднина.

-Денеска ја менуваме енергетската карта на Европа, бидејќи интерконекторот е гаранција за диверзификација и сигурно снабдување, не само за нашите две земји, туку и за целиот регион, и не случајно Европската комисија го препозна ова како проект од взаемен интерес, рече Радев.

Војната во Украина, кажа Радев, не натера да размислиме за нашето разбирање за солидарноста и добрососедските односи.

-Бугарија ја разбира својата позиција и важност и ја спроведува енергетската политика не само за свои придобивки, туку и за своите соседи и пошироко, рече Радев.

За време на престојот во Ниш, предвидени се одделни билатерални средби на Вучиќ со претседателите на Република Азербејџан и на Република Бугарија.

Предвидено е и презентација на опремата и можностите на единиците на Вооружените сили на Србија, на системите за противвоздушна одбрана против дронови, на беспилотни летала и управувани воздушни и копнени борбени платформи, како и можностите на падобранските и специјалните единици, се додава во соопштението.

Завршувањето на работите на гасоводот кон Бугарија ќе овозможи побезбедно и постабилно снабдување со гас за Србија од различни извори, особено од Азербејџан.

Изградбата на новиот гасовод во должина од 109 километри од Ниш до Димитровград траеше 12 месеци. Вкупната должина на двонасочниот гасовод Србија-Бугарија е 170 километри, од Нови Искар, кај Софија, до Ниш.

Србија потпиша договор за интерконекција со Булгартрансгас и комерцијален договор за снабдување до 400 милиони кубни метри гас од Азербејџан до крајот на 2024 година.

Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш - Димитровград - Бугарија е 85,5 милиони евра. Проектот е делумно финансиран преку грантови од ЕУ, во износ од 49,6 милиони евра, како и поволен заем од 25 милиони евра од Европската инвестициска банка, кој Србија ќе го плати за делот од гасоводот што минува низ Србија.

За овој проект Република Србија издвои 15 милиони евра и 7,5 милиони евра за подготвителни работи и проектирање.

Гасот сочинува 13 отсто од потрошувачката на примарна енергија во Србија и досега можеше да се добие само од две влезни точки, преку гасоводот Балкански тек и од Унгарија. об/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан