• понеделник, 23 декември 2024

Вуков ја стартуваше новата сезона од Порше Суперкуп

Вуков ја стартуваше новата сезона од Порше Суперкуп

Имола, 20 мај 2024 (МИА) - Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико, втора сезона по ред настапува во натпреварувањето Порше Суперкуп, кое има највисок глобален ранг, бидејќи во него настапуваат најдобрите од големиот број серии кои се возат низ светот.

Традиционално, трките од Порше Суперкуп се возат пред оние од Формула 1, па така за време на Ф1 викендот во Имола, Вуков продолжи онаму каде што требаше да започне минатата сезона, но трката беше откажана поради поплавите во покраината Емилија Ромања.

Во квалификациите, македонскиот возач го извози своето најдобро време од 1:43.641, при што обележје на сесијата беше дека само првите четири возачи се издвоија со времиња од 1:42.4 до 1:42.6, а од 5 до 18 место имаше вкупно 14 возачи кои имаат слично постигнување, меѓу1:42.9 и 1:43.7 и со тоа Македонецот се најде на 17 место. 

Неговите двајца тимски колеги се најдоа пред и зад Вуков, односно Киган Мастерс беше на 11 место, а Лирим Зендели на 22 место.

Во трката која започна со инцидент при борба за водечките позиции, а потоа беше аплицирано и возило за безбедност, Вуков мораше да биде мошне внимателен, но беше престигнат во мешаницата и загуби неколку позиции. По рестартот успеа да стигне од 20 до 18 место, а воедно го извози и сопствениот најбрз круг од трката во десеттиот од 14 круга, но не успеа да се пробие повисоко.

Следната трка на Формула 1 е во Монако, па и Вуков од Имола веднаш продолжува кон малото кнежевство на Азурниот Брег, каде што го очекува нова трка претстојниов викенд. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан