• четврток, 26 декември 2024

Вуков ја започнува сезоната со ноќна трка во Римини

Вуков ја започнува сезоната со ноќна трка во Римини
Римини, 4 јуни 2021 (МИА) - Македонскиот возач Ристо Вуков – Рико влегува во својата втора сезона од настапи во Порше Карера Куп Италија, при што првиот Гран при викенд се вози на патеката Мизано крај Римини. - Се чувствувам полн со енергија, едвај чекам сезоната да започне. Возев и приватни тренинзи во Италија, возев и картинг, работев и на мојата психофизичка кондиција. Едноставно, лани поради пандемијата со Ковид-19 бевме сконцентрирани на многу различни проблеми кои ни одземаа енергија и концентрација, се прашувавме дали ќе минеме граница, останувавме по три седмици во хотел меѓу две трки и решававме разни проблеми кои постојано изникнуваа. Овој пат знаевме што треба да правиме и тоа го правевме, што ми дава особена самодоверба. Возилото не е сменето од лани, но јас се чувствувам многу покомотно, едноставно „го имам во раце“ и сигурен сум дека можам подобро од лани. Иако и минатата година речиси постојано беше во „топ 10“, Вуков вели дека целта останува континуирано да биде во врвот и да ја чека својата шанса за подиум. - Речиси во секоја изјава потенцирам дека во ова натпреварување имаме 29-30 возачи кои имаат на располагање идентичен автомобил, па пресудуваат нијанси. Тестирањата се најдобриот тренинг, но за жал и најмалку достапни, а секоја патеки има свои тајни, свои „фори“, што добрите возачи ги имаат истренирано до совршенство. На вчерашните неофицијални тренинзи возев само претпладнето, а попладневните сесии морав да ги испуштам поради дефект. Она што ќе биде пресудно овој викенд е дека ќе возиме во различни делови од денот, па возилото нема да се однесува исто. Имаме официјален тренинг во петок навечер, па квалификации во сабота претпладне, а трка повторно во ноќни услови! Со други зборови, ќе биде потребна максимална концентрација, како од моја страна, така и од инженерите кои ќе го штелуваат возилото за тие променливи услови: утрото кога од една страна асфалтот ќе подига температура, и вечерта кога постепено ќе се лади. Мизано е патека што нема некој особен проблематичен сектор, најголем проблем ќе биде видливоста и задржувањето на перфекцијата на сите полиња во опишаните услови, изјави Вуков. Ова е јубилејна 15. сезона на оваа тркачка серија. Предвидени се 12 трки, односно шест Гран при викенди со по две трки, а Вуков останува во тимот „GDL Racing“ на поранешниот италијански пилот на Формула 3, Џанлука ди Лоренци. зс/

Остани поврзан