• вторник, 24 декември 2024

Втор ден од РЕДИ Самитот

Втор ден од РЕДИ Самитот
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Во организација на здружението „Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ“, денеска во рамки на вториот ден на меѓународниот РЕДИ Самит ќе се дискутираат програмите за закрепнување и отпорност во неколку земји за да се дознае дали тие ги вклучуваат или ги изоставуваат ромските заедници. Во текот на вториот ден од РЕДИ Самитот, ќе се одржи панелот Дигитална трансформација на ромските бизниси, на кој ќе се дискутира за важноста на оваа трансформација за опстојувањето на ромските бизниси, особено при услови со какви што се затекнаа за време на пандемијата со КОВИД-19. Употребата на јавни фондови во вид на грантови и гаранции за обезбедување работни позиции за ранливите заедници е уште една многу значајна тема на која ќе се посвети вториот панел од Самитот. Учесниците ќе дискутираат како владините институции ќе обезбедат средства за ромските заедници при спроведувањето на новите оперативни планови, преку кои ќе се гарантира нивната социо-економска сигурност. Во последниот панел ќе се разговара на темата Алтернативни финансиски средства за финансиска инклузија, односно како ромските претприемачи може да стигнат до алтернативни решенија за одржување на своите бизниси, покрај брзите кредити. РЕДИ Самитот ќе се затвори со презентациите на финалните групи на Академијата „Брејнстер“, кои изминатиот викенд, на 19 и 20 ноември, се натпреваруваа на најголемиот Хакатон во организација на Академијата „Брејнстер“ и Здружението „РЕДИ“. Повеќе од 100 студенти на „Брејнстер“ учествуваа во Хакатонот, работејќи на изготвување дигитално решение за работата на „РЕДИ“. Најдобриот тим, одбран од страна на составено жири, ќе добие можност во иднина да го имплентира својот производ во организацијата. Во текот на вчерашниот прв ден, меѓу другите активности и дискусии, градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски потпиша Меморандум за соработка со Иницијативата за економски развој на Ромите – „Реди“. Со тоа општината се обврзува на иницијатива за воспоставување систем за примарна селекција на неопасен отпад и подигнување на јавната свест за селектирање отпад. 

- Станува збор за успешен концепт на социјално претпријатие кое заслужува пофалба и поддршка бидејќи го подобрува животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад, но и ја подобрува состојбата на животната средина во Македонија. Социјалните претпријатија се одлична алатка за вклучување на неформалниот сектор во системот за управување на отпад, истакна градоначалникот Муцунски додавајќи дека поради тоа Општина Аеродром и понатаму ќе дава поддршка на овој концепт. мд/сст/

Остани поврзан