• недела, 28 јули 2024

Втора „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“

Втора „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер ќе се одржи втората Поетска епизода во организација на неформалната младинска организација за култура и уметност „Култура Бета“, а во модераторство на младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска.

-Поетска епизода #2 е продолжување на низата поетски читања кои се предвидени да се одржат. Целта на концептот е да се направи нов, отворен и флуиден простор во кој, првенствено младите поети ќе имаат можност конечно да се отворат, ослободат и да ја промовираат својата поезија, но и на поискусните да ги промовираат своите нови поетски дела, а понатаму да се создаде можност и за играње со поетски форми, читање на препеви и преводи, создавање омажи и книжевни портрети, а кај публиката да се развие поголем интерес за поезијата, наведуваат од неформалната младинска организација.

Во вечерашната епизода ќе се претстават седум поети со своја авторска поезија, а публиката ќе ги чуе Марија Ангеловска, Викторија Ангеловска, Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Макрина Јорданова, Иван Николов и Моника Стојановска. вг/са/

Остани поврзан