• сабота, 23 ноември 2024

Врховен суд: Голем дел од судовите ажурно ја завршиле 2022 година

Врховен суд: Голем дел од судовите ажурно ја завршиле 2022 година

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Голем дел од судовите во Република Северна Македонија со постоечките персонални, материјални и финансиски услови за работа, успеале да го совладаат приливот на нови предмети, а решавале и од заостатокот, со што ажурно ја завршиле 2022 година, констатирано е на проширената Општа седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, на која биле разгледани извештаите за работата на судовите во државава.

Проширената Општа седница се одржа со присуство на судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија, претседателот на Вишиот управен суд  и претседателите на четирите апелациони судови во државата.

На седницата, како што соопшти Врховниот суд, присуствуваа и претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Весна Дамева и членот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Зоран Герасимовски.

-На седница беше истакнато дека судовите 2022 година ја започнале со 96.204  предмети како остаток од претходната година. Во текот на 2022 година примени се нови 571.115 предмети кои заедно со предметите повторно во работа 5.736 и погрешно заведени 232 предмети, вкупно имале 672.823 предмети. Решени се 564.850 предмети, останале нерешени 107.974 предмети, што како крајна констатација е дека заостатокот е зголемен за 6265 предмети, се наведува во соопштението од Врховниот суд.

Алармантната состојба со намалениот број на судии тргнувајќи од Врховниот суд па и во сите судови, како што е истакнато во соопштението, остава впечаток дека со изборот на нови судии, пополнувањето на судовите со соодветен кадар по упразнувањето на работните места, со континуирана едукација, како и со подобрување на материјалната и финансиска состојба, ќе може да се надмине затечената состојба на зголемување на заостатокот на предметите. дма/са/

Фото:МИА архива

Остани поврзан