• сабота, 21 декември 2024

Времето и локацијата на пролетната офанзива на Киев остануваат тајна

Времето и локацијата на пролетната офанзива на Киев остануваат тајна

Киев, 6 април 2023 (МИА) – Плановите на Киев за враќање на териториите окупирани од Русија се строго чувани, при што малку луѓе знаат за локацијата и времето на пролетната офанзива, преесува ДПА.

- Најмногу три до пет луѓе знаат за плановите, изјави секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност Олексеј Данилов во радио-интервју.

- Информациите за тоа каде, кога и како ќе започне една или друга акција на територијата на нашата земја се резервирани за мал круг луѓе, додаде тој.

Данилов рече дека сите изјави дадени за планираната офанзива може и не мора да бидат вистинити.

- Кога ќе започнат одредени воени акции, одредени воени операции – ова е информација за многу ограничен број луѓе, рече Данилов. Украинците ќе сфатат „кога работите ќе тргнат“, нагласи тој.

Данилов навести дека планирањето на напад од големи размери е веќе завршено. „Имајте го ова на ум“, рече тој.

Во блиска иднина се очекува пролетна офанзива, при што украинските вооружени сили сега поседуваат потешко оружје и тенкови од Запад.

Некои очекуваат украинските војници да извршат притисок кон крајбрежниот град Мелитопол, што би ги поделило руските сили. Сепак, руската војска значително ги прошири своите одбранбени позиции во последните месеци за да го спречи очекуваниот напад. јт/

Фото: Фејсбук профил на Олексеј Данилов

Остани поврзан