• сабота, 23 ноември 2024

Вработените во одбраната и армиските припадници го прославија 31. роденден на Армијата

Вработените во одбраната и армиските припадници го прославија 31. роденден на Армијата

Скопје, 17 август 2023 (МИА) - Во пресрет на утрешниот Ден на Армијата, вработените во одбраната и припадниците на Армијата денеска на Воениот стадион со свеченост го прославија 31. роденден на македонската Армија. На настанот беа прочитани и сите унапредени офицери до чин потполковник, како и сите наградени и пофалени службеници во одбраната и припадници на Армијата.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање истакна дека е горда на професионализмот, мотивот и посветеноста со кои започнаа и се реализираат силни реформски зафати во одбраната.

-Еден министер е успешен толку колку што се успешни и соработниците, а фактите покажуваат дека одбраната функционира исклучително успешно и затоа заслугата не е моја, не е на некој поединец, туку на сите нас заедно, затоа што ние сме едно семејство, еден организам кој може да функционира само ако работиме како едно, обединети во нашата заедничка цел, рече министерката.

Петровска им се заблагодари на припадниците на Армијата зашто секој предизвик го прифаќаат како уште една задача која ја извршуваат максимално посветено, професионално и без двоумење. На службениците во одбраната им порача дека цело е кога има сè и дека како што се внимава на стандардот на припадниците на Армијата, така приоритет е и стандардот, местото и улогата на службениците во одбраната.

-Системот нема да функционира ако не вложуваме и не внимаваме на местото, улогата и стандардот на службениците во одбраната исто колку што внимаваме на стандардот на припадниците на Армијата. Ние сме едно врзано ткиво од кој токму службениците на одбраната се исклучително важен сегмент. Сите вие за мене сте важни и вие сте одбраната на татковината, рече министерката за одбрана.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на сите вработени во Генералштабот и Армијата им оддаде признание и благодарност за севкупниот труд, резултати и работа во изминатата година, кои се препознаени и забележани во општеството.

-Изминатиов период постигнавме навистина големи резултати, имаме јасен патоказ, каде треба да ги движиме приоритетите во периодот кој престои, тоа е наш долг и обврска кон идните генерации на нашата татковина, рече генералот Ѓурчиновски.

Претходно, делегација предводена од министерката Петровска положи венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето во чест на бранителите во кругот на Министерството и Генералштабот. дма/нд/

Фото: Министерство за одбрана

 
 

 

Остани поврзан