• среда, 25 декември 2024

Во Џеда заврши состанокот посветен на Украина со ветување за продолжување на разговорите

Во Џеда заврши состанокот посветен на Украина со ветување за продолжување на разговорите

Џеда, 7 август 2023 (МИА) - Украинската дипломатска иницијатива продолжи овој викенд кога претставници од повеќе од 40 земји се собраа во Џеда, Саудиска Арабија, за да се обидат да го пронајдат патот кон мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Русија не беше поканета, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека се надева оти разговорите ќе доведат до самит подоцна оваа година и ќе ја поддржат неговата формула за мир, составена од 10 точки.

Висок украински функционер претходно вчера изјави дека разговорите во Саудиска Арабија за напорите за придвижување кон мирно решавање на војната со Русија биле продуктивни, но Москва го нарече состанокот неуспешен обид да се префрли глобалниот југ кон Киев.

На преговорите во Џеда, кои требаше да завршат без писмена изјава, учествуваа повеќе од 40 земји, меѓу кои Кина, Индија, САД и бројни европски земји, со исклучок на Русија. Украина и нејзините сојузници појаснија дека преговорите во Џеда се обид да се гарантира широка меѓународна поддршка за клучните принципи за мирен крај на војната во Украина, што значи повлекување на сите руски трупи од Украина и враќање на целата украинска територија на контролата на Киев.

Но, дури и осумнаесет месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, сите изгледи за директни мировни преговори меѓу Киев и Москва изгледаат далечни,јавија западни медиуми.

Руските државни медиуми вчера ја пренесоа изјавата на заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој рече дека состанокот ги „одразува напорите на Западот да продолжи со залудни, осудени напори“ насочени кон мобилизирање на Глобалниот југ зад позицијата на украинското раководство.

Во неделното обраќање доцна синоќа, Зеленски рече дека Украина гледа „значајни резултати“ од американските и германските системи за воздушна одбрана и покрај брановите руски воздушни напади за кои Киев вели дека се насочени кон цивили и станбени згради.

Русија објави дека соборила беспилотно летало што се упатило кон Москва во третиот таков напад во една недела, додека официјални лица од двете страни рекоа дека Украина погодила два моста што го поврзуваат Крим со копното. ссм/

фото: Јутјуб принтскрин

Остани поврзан