• вторник, 24 декември 2024

Во јануари годишен раст од 4,5 отсто на вкупните депозити и од 8,5 проценти на вкупната кредитна поддршка

Во јануари годишен раст од 4,5 отсто на вкупните депозити и од 8,5 проценти на вкупната кредитна поддршка

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) - Во јануари годинава, во согласност со сезонската динамика, паричната маса забележа пад од 1,7 отсто на месечна основа, што се должи на надолните движења кај сите компоненти, со поголем придонес на депозитните пари, готовите пари во оптек и краткорочните депозити. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 4,5 отсто, во најголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити и депозитните пари, информираат од Народната банка.

Посочуваат дека вкупните депозити во јануари се намалени за 1,2 отсто на месечно ниво, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, вкупните депозити бележат раст од 4,5 отсто, којшто во поголем дел се должи на повисоките депозити на секторот „домаќинства“.

‒ Во јануари, вкупните кредити бележат месечен пад од 0,8 проценти, којшто во целост се должи на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 8,5 отсто како резултат на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор, се наведува во денешното соопштението од Народната банка за монетарните движења.

Минатиот месец вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 4,1 отсто на месечна основа.

- Надолната промена пред сè е резултат на падот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута. Споредено на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 2,6 отсто, во поголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и во денари, при дополнителен придонес и на депозитните пари, а во услови на пад на долгорочните депозити во странска валута и во денари, посочуваат од Народната банка.

Оттаму информираат дека кредитите на корпоративниот сектор овој месец бележат месечен пад од 1,6 отсто, којшто се должи на пониските одобрени кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити.

-Во споредба со јануари претходната година, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 9,7 проценти, како резултат на повисокото кредитирање во денари и во странска валута, поизразено кај кредитите одобрени во странска валута, нагласуваат од Народната банка.

Депозитите на домаќинствата во јануари, како што е наведено во соопштението, се непроменети на месечна основа. Анализирано на годишна основа, овие депозити се зголемени за 5,9  отсто, како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута, при забележан пад на краткорочните и долгорочните депозити во денари.

‒ Во јануари, кај кредитите на домаќинствата е забележан минимален месечен раст од 0,1 отсто, којшто во целост се должи на растот на кредитите одобрени во странска валута во услови на пад на денарските кредити. Во споредба со истиот месец претходната година, кредитите на домаќинствата се зголемени за 7,4 проценти, поради растот на кредитите одобрени во денари и во странска валута, којшто е поизразен кај кредитите во странска валута, велат од Народната банка.

Во јануари годинава анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, како што е наведено во соопштението, е забележан месечен пад од 0,5 отсто, при годишен раст од 6,5 проценти.

-Одобрените станбени кредити, овој месец, бележат раст од 0,4 отсто и 12,6 проценти, на месечна и годишна основа, соодветно. Во јануари, кај автомобилските кредити и кредитите одобрени на кредитни картички е остварен месечен пад од 0,8 отсто и 0,9 проценти, соодветно, додека на годишна основа е забележан раст од 10,7 отсто и 1,0  проценти соодветно. Овој месец, негативните салда на тековните сметки се зголемени за 8,7 отсто на месечна основа и 0,9 проценти на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад за 1,1 отсто и 15,1 проценти, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка. дма/са/

Остани поврзан