Во јануари годишен раст од 11,0% на депозитите, а 11,3% на кредитите
- Вкупните депозити во јануари на годишно ниво бележат зголемување од 11,0%, во поголем дел поради растот на депозитите на домаќинствата, но и на корпоративниот сектор. Вкупните кредити, пак, бележат раст од 11,3% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.

Скопје, 21 јануари 2025 (МИА) - Вкупните депозити во јануари на годишно ниво бележат зголемување од 11,0%, во поголем дел поради растот на депозитите на домаќинствата, но и на корпоративниот сектор. Вкупните кредити, пак, бележат раст од 11,3% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
- Во јануари 2025 година, паричната маса е намалена за 1,6% на месечна основа, пред сè како резултат на падот на депозитните пари, при негативен придонес и на краткорочните депозити и на готовите пари во оптек. На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување за 9,1%, поради растот на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, готовите пари во оптек и краткорочните депозити.
Вкупните депозити во јануари бележат месечен пад од 1,3%, во целост како резултат на намалените депозити на корпоративниот сектор, додека депозитите на секторот домаќинства се зголемуваат. Споредено на годишно ниво, вкупните депозити остварија раст од 11,0%, којшто во поголем дел се должи на зголемените депозити на секторот „домаќинства“, при позитивен придонес и на депозитите на корпоративниот сектор.
Вкупните кредити, во јануари, се намалени за 0,1% на месечна основа, како резултат на падот на кредитирањето на корпоративниот сектор, при раст на кредитите на „домаќинствата“. На годишна основа е забележан раст од 11,3%, којшто се должи на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Во јануари, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат пад од 5,0% на месечна основа. Надолната промена произлегува од падот на депозитните пари, како и од падот на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, во услови на раст на долгорочните и на краткорочните депозити во денари. На годишна основа, остварен е раст од 5,7%, којшто се должи на растот на депозитите на сите компоненти, со поголем придонес на краткорочните и на долгорочните депозити во денари, при раст и на краткорочните и на долгорочните депозити во странска валута и на депозитните пари.
Кај кредитите на корпоративниот сектор е забележано намалување од 0,4% на месечно ниво, како резултат на падот на кредитите во денари, додека кредитите во странска валута бележат раст. Кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 14,2% на годишно ниво, во целост поради зголеменото кредитирање во денари.
Вкупните депозити на домаќинствата, во јануари бележат месечно зголемување за 0,2%. Притоа, промената се должи на растот на долгорочните и на краткорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на пад на депозитните пари. Годишниот раст изнесува 14,2% и произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари.
Кредитите на домаќинствата бележат месечен и годишен раст за 0,2% и 8,8%, соодветно, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во денари, при раст и на кредитите во странска валута.
Во јануари, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,3%, при годишен раст од 8,4%, додека станбените кредити се зголемени за 0,5% и 12,7% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити бележат месечен и годишен раст од 0,7% и 5,1%, соодветно. Во јануари, кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележан пад од 1,1% и 9,0% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Кај негативните салда на тековните сметки, овој месец е остварен месечен раст од 11,4%, при годишен пад од 4,6%, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,2% и 10,2% на месечна и на годишна основа, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.са/
Фото: МИА