• сабота, 23 ноември 2024

Во Штип се одржа научна конференција „Културното наследство помеѓу туризмот и идентитетот“

Во Штип се одржа научна конференција „Културното наследство помеѓу туризмот и идентитетот“

Штип, 20 март 2024 (МИА) - „Културното наследство помеѓу туризмот и идентитетот“ е темата на денеска одржаната научна конференција, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.

Деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, Татјана Бошков истакна дека повод на научната конференција е 22. март и првото македонско нематеријално културно наследство, штипскиот обичај „Четрсе“ кој е впишан во листата на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Посочи дека деновиве се Европски денови на културното наследство, а токму турзимот, културниот туризам и културното наследство се важни пред се и од економски аспект, бидејќи носат финансии и на бизнис секторот, отвараат нови работни места, а носи и развој на градот, односно на општината.

-Како економисти ние гледаме дека од ова економски бенефити, меѓутоа треба да го подвлечеме и знаењето на идентитетот и гордоста што ја чувствува секој наш граѓанин. Културното наследство, културниот туризам се теми коишто се од повеќе значајни и треба да се третираат, бидејќи тие се нашето минато, вели Бошков.

Универзитетскиот професор, Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор во Скопје истакна дека пред 11 години успеале на репрезентатвната листа на УНЕСКО да се најде токму овој неколкувековен обичај, што штипјани го негуваат искачувајќи се на тврдината Исар.

-Јас успеав на мојот роден град да му го донесам обичајот заштитен од УНЕСКО, понатаму останува сето да се ефектуира. Штип сега има Универзитет, факултети кои можат да помогнат и да донесе и економски бенефит, вели Малинов.

Тој најави дека следно што ќе предложи за заштита од областа на нематеријалното културно наследство е штипската пастрамајлија.

Универзитетскиот професор, Љубен Тевдовски од Факултетот за образовни науки при УГД-Штип истакна дека благодарение на етнолозите штипскиот обичај „Четрсе“ е впишан во листата на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО, а од оваа прва научна конференција очекува предлози и заклучоци од страна на универзитетските професори, како и од бизнис секторот и општина Штип. вдј/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан