• среда, 27 ноември 2024

Во Штип дебата за искористување на текстилниот отпад

Во Штип дебата за искористување на текстилниот отпад

Штип, 18 ноември 2022 (МИА) - Четириесет отсто од вкупниот отпад во Општина Штип припаѓа на текстилниот отпад, беше посочено на дебатата организирана од страна на Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ)-Штип.

Борис Шарковски од ФРЛЗ вели дека бизнис секторот и невладините подолго време говорат дека на овој отпад може да му се даде дополнителна додадена вредност со производство на облека, перници, кукли, да најде примена и во автомобилската и градежната индустрија, но и да се користи како енергенс. Невладината Фондација за развој на локалната заедница (ФРЛЗ)-Штип извесен период работи на овој проект во кој вклучи и работници кои останаа без работа, но и лица од социјално ранливите категории за искористување на овој отпад.

-Она што ние со овој проект го правиме е прво да ја подигнеме свеста на луѓето дека текстилниот отпад не е само отпад, туку е ресурс, репроматеријал, којшто може да овозможи економска независност на одредени социјални категории на луѓе, вели Шарковски.

Кирил Нашков претставник на штипските конфекционери во Текстилниот кластер вели дека уште пред пет години со партнер од Хрватска имале идеа текстилниот отпад да го искористат за автомобилската индустрија, но идејата пропаднала, бидејќи нашето законодавство нема пропишано за вакво третирање и искористување на овој отпад. Идејата пропаднала, а текстилните конфекции со години се затрупани со текстилниот отпад. Нивните магицини и хали се натрупани со отпадот, којшто треба да помине низ процедури па да се депонира на депонија.

-Штета е тој отпад да се уништува на овој начин, какошто сега го уништуваме, оти прво ја загадуваме животната средина, имаме огромни трошоци за него, а во цел свет се рециклира и се прави некаков производ од него, вели Нашков.

Претставникот од Општина Штип, Борче Везенков комунален инспектор вели дека согласно новиот Закон, кој треба да стапи на сила од 1 јануари, предвидено е општината да постави специјални контејнери за складирање на текстилниот отпад на неколку локации. вдј/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан