• недела, 24 ноември 2024

Во Штип ангажирани двајца образовни асистенти

Во Штип ангажирани двајца образовни асистенти

Штип, 5 септември 2022 (МИА) - Двајца нови образовни асистенти се ангажирани во текстилното училиште  СОУ „Димитар Мирасчиев“ во Штип.. Четиричасовно дневно ангажирање, давање помош и поддршка на учениците со посебни образовни потреби инклузирани во редовната настава и помош на наставниците се дел од работните задачи.

Вања Џамбазова-Николовска, соработник за социјална и здравствена заштита во Општина Штип, вели дека асистентите се ангажирани  преку програмата „Општинско корисна работа“, која предвидува вклучување на невработени лица.

-На јавниот оглас имавме четворица пријавени и, главно, за ова има интерес. Меѓутоа, проблем се квалификациите, бидејќи се бара да биде стручно квалификуван, да има завршено високо образование за специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, како и лице што ги исполнува условите за наставник во одделенска настава, како и лице наставник во предметна настава. Ние претходно испративме допис до училиштата за да видиме каде има потреба од образовен асистент. Сега во „Димитар Мирасчиев“ се ангажирани две лица, од кои едното го имавме ангажирано минатата година, а другото е нов образовен асистент, вели Џамбазова-Николовска.

Услугата образовна асистенција како обврска на државата е уредена со закон, односно ангажирањето образовни асистенти не е грижа и трошок за семејствата на учениците. Образовните асистенти се вработуваат во училиштата со месечен надомест и платени придонеси од задолжително социјално осигурување.

Минатата учебна година од буџетот на МОН за оваа услуга беа ангажирани 500 образовни асистенти низ државата, од кои 260 во скопскиот кумановскиот и полошкиот регион и 240 асистенти во други три региони, односно по 80 асистенти во вардарскиот, југоисточниот и пелагонискиот регион. Оваа година се ангажирани вкупно 720 образовни асистенти. вдјхс/

Остани поврзан