• петок, 27 декември 2024

Во штипското Инфективно одделение хоспитализирани седум пациенти

Во штипското Инфективно одделение хоспитализирани седум пациенти
Штип, 20 јули 2022 (МИА) - Во Инфективното одделение при Клиничка болница-Штип има незначително зголемен број пациенти со Ковид-19. Хоспитализирани се седум пациенти од целиот источен регион. Началничката на Инфективно одделение-Штип, Дијана Шишикова-Гајдарџиска вели дека дел од пациентите се  вакцинирани со две дози вакцина, друг дел со коморбидитети, претежно повозрасни граѓани над 60 години. Таа уверува дека пациентите поминуваат со полесна клиничка слика и третман во домашни услови, што всушност е и карактеристика на сојот омикрон. -Овие денови има раздвиженост, поголем број на пациенти се јавуваат и во амбуланта. Во текот на вчерашниот ден се пратени 15 пациенти, дел од нив суспектни на Ковид, дел позитивни и контролни прегледи, а во болничкиот дел хоспитализирани се седум пациенти. Тие што се хоспитализирани имаат потреба, индикација за хоспитализација, тие што имаат прележано и примано вакцини приметуваме дека поминуваат со полесна клиничка слика и генерално започнуваат со амбулантски третман во домашни услови, вели Шишкова – Гајдарџиска. Во моментов главно станува збор за пациенти со коморбидитети кои доаѓаат од другите одделенија, па по позитивен ковид – резултат се пренесуваат на Инфективното одделение. Иако моментната ситуација не е загрижувачка, Шишкова – Гајдарџиска потсетува дека треба да бидеме внимателни, бидејќи смета дека како што е во другите држави, така и кај нас бројките ќе се зголемат. -Треба да бидеме внимателни, барем луѓето кои имаат коморбидитети и намален имунитет да бидат внимателни, во поголеми простории да носат заштитни маски, додава Шишкова – Гајдарџиска. Слична е и состојбата во италијанскиот град Боргоманеро, посочи на денешната меѓународна конференција во Штип медицинскиот директор на болницата во тој град, Арабела Марија. Забележа дека состојбата со пациенти да доаѓаат на други одделенија, па како позитивни на ковид да се изолираат на посебен оддел се пресликува и во Италија. Таа претходно била и раководител на тимот задолжен за справување со пандемијата, од Штип вели дека засега одделите и кај нив не се оптеретени со ковид – пациенти. -Помал број на пациенти имаат потреба да бидат на интензивна нега. Се разбира, и понатаму имаме високи бројки на позитивни пациенти. Знаете, има пациенти кои се позитивни, но имаат потреба од други медицински услови, како на пример на ортопедија или хирургија, така што мора нив да ги изолираме во посебни делови од болницата за да спречиме ширење на вирусот. Вакцините многу ни помогнаа и тоа е видливо, бидејќи одделите за интензивна нега не се толку оптеретени како што беа претходно. Во болницата имаме 20 пациенти, од кои само еден е на интензивна нега, вели Арабела Марија. Посочи дека ниту еден лекар не може да прогнозира, каков ќе биде есенскиот бран. Спасот, според неа, се вакцините и научниците постојано да работат на нив, бидејќи имунизацијата на населението помагнала за намалување на притисокот низ болниците. Штипското Инфективно одделение има доволен број доктори согласно бројот на пациенти. Сепак, состојбата се надгледува, па медицинскиот кадар ќе се менаџира со бројот на хоспитализирани. вдј/рп/

Остани поврзан