• четврток, 07 ноември 2024

Во штипскиот регион на планината Серта пожарите се гаснат од земја

Во штипскиот регион на планината Серта пожарите се гаснат од земја

Штип, 16 јули 2024 (МИА) - Во штипскиот дел на планината Серта пожарите што се на неколку локации никако да стивнат. Командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ) од Штип, Благој Ренџов за МИА вели дека во моментот штипските пожарникари се на трасата на гасоводот, кој оди кон Неготино, со цел да се спречи префрлувањето на огнот кон приватното ловиште, во кое има голем број на дивеч.

- Направивме сеча на дрвја со цел да не се префрли пожарот кон приватното ловиште. Жално е да изгоре толкав голем број на дивеч. Пожар има и над Драгоево, тоа е ридот Штракалево кон полигонот Пенуш. Овде пожарот оди во два правци кон доловите, појаснува Ренџов во изјава за МИА.

Тој посочува дека воздушна поддршка се уште нема во овој дел на планината Серта. Претпладнето на координативниот состанок беше побарано да се дејствува од воздух, поради непристапниот терен. Се очекуваше по 15 часот да дејствуваат македонските и турските „Ер трактори“, но според информациите, тие се повторно вратени на пожарот кај Битола.

Во гаснењето на пожарот во штипскиот дел на Серта ангажирани се пожарникари, припадници на Армијата и полицијата и на други институции. МИА претходно информираше дека зоната околу полигонот Пенуш е забранета за месното население, а по неа може да се движат само војската и пожарникарите, бидејќи има неиспукана муниција.

Според најавите на командирот на ТППЕ Штип вечерва повторно нивни екипи ќе дежураат на терен.  вдј/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан