• сабота, 23 ноември 2024

Во третолигашкото дерби на Истокот „Брегалница Делчево“ подобра од „Овче Поле“

Во третолигашкото дерби на Истокот „Брегалница Делчево“ подобра од „Овче Поле“
Делчево, 23 октомври 2020 (МИА) - Во дербито од Третата фудбалска лига - Исток, фудбалерите на делчевска Брегалница, денес на градскиот стадион „Гоце Делчев“ го совладаа ривалот за повисок пласман „Овче Поле“ со 3:2. Во допадлив натпревар гостите од Свети Николе поведоа со гол од корнер во 35 минута од натпреварот, откако претходно домаќините не успеаа благата иницијатива да ја крунисаат со водство.
Сепак фудбалерите на „Брегалница Делчево“ во второто полувреме набрзина постигнаа два погодоци кои им донесоа водство од 2;1 а потоа постигнаа и трет погодок за комплетен пресврт на мечот. До крајот на натпреварот гостите од Св.Николе повторно од корнер намалија на 3:2, но тоа беше се што направија на овој натпревар.
Капитенот на домашните Даниел Анастасовски изрази задоволство од победата и рече дека Брегалница од Делчево оваа сезона има сериозни амбиции за влез во повисок ранг на натпреварување.
-Одигравме доста добро прво полувреме иако губевме, на паузата видовме каде грешиме и што да поправиме. Постигнавме три погодоци во второто полувреме кои беа доволни за победа.Се надеваме дека оваа година ќе се избориме за влез во Втората лига, силно сме моитивирани за тоа и се надеваме дека догодина ќе бидеме таму каде припаѓаме, рече Анастасовски.
Поради доцниот почеток на Третата фудбалска лига Исток, делчевци имаат згуснат распоред во првенството. Веќе задутре играат против Детонит Радовиш, додека во следното коло во дербито на колото го пречекуваат силниот тим на некогашниот прволигаш Хоризонт Турново. вс/бк/

Остани поврзан