Во Тетово изложба на 162 документарни фотографии „Водици 2002-2026“ на Зоран Андонов
- Изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ беше отворена вчера во Тетово со која тетовскиот новинар и фотограф Зоран Андонов се претстави со 162 фотографии избрани од вкупно над 3000 кои ги има направено на денот на празнување на Богојавление-Водици од 2002 до 2026 година.
Тетово, 19 март 2026 (МИА) - Изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ беше отворена вчера во Тетово со која тетовскиот новинар и фотограф Зоран Андонов се претстави со 162 фотографии избрани од вкупно над 3000 кои ги има направено на денот на празнување на Богојавление-Водици од 2002 до 2026 година.

На отворањето на изложбата, Драги Неделчевски од фото-клубот Чкрап посочи дека овој вид на документарна фотографија на колегата Андонов претставува реално пренесување на животот на луѓето преку фотоапаратите.
-Документарна фотографија значи дека со таа фотографија, фотографите го снимаат животот, настаните, луѓето и местата, без да се вмешуваат и да прават сетап и да режираат, туку го снимаат животот таков каков што е. Зоран Андонов се одлучил за еден верски и народен обичај празник, а тоа е Водици, што е многу интересно и значајно. Јас имам многу читано за фотографијата низ светот и знам дека има фотографии коишто работат долгорочни проекти по неколку години, ама некој да работи 25 години на еден проект, јас не сум слушнал досега. Значи според мене тоа е една голема вредност и голем куриозитет Зоран од 2002 до 2026 освен неколку години за коишто од оправдани причини не можел да биде едноставно присутен, наоѓал време и задоволство да фотографира, па самото тоа е многу необично во светски рамки, а не само во наши рамки, истакна Драги Неделчевски.

Андонов почнал со фотографирање на Водици во 2002 година, откако во претходната година го набавил првиот дигитален фотоапарат. Поради повеќе причини ги пропуштил 2003, 2016, 2021 и 2025 година. Го следел Водици во соборниот тетовски храм Свети Кирил и Методиј, а од 2018 година и Водокрст, ден пред Водици во Пресвета Богородица во Горно маало. На оваа изложбата има фотографии и од Стенче, Волковија и манастирот Св. Јован Бигорски, односно положувањето на крстот во реките Вардар и Радика.
-Ако зборуваме со речникот на фотографијата, тогаш Водици сигурно е еден од најфотогеничните верски празници. Сета таа процесија, почнувајќи од службата во црквата, насобраниот народ, осветувањето на водата, чин кој најчесто го извршува владиката, па оние млади, а некогаш и постари, момчиња кои бестрашно и со атрактивни скокови влегуваат во плиткиот црковен базен со ладна вода, борбата меѓу нив кој ќе го фати крстот, заедничката радост и честитањето на победникот и на крајот големата желба на насобраниот народ да наполни барем едно шишенце од осветената вода, сето ова дава прекрасна можност да се направи не само документарна фотографија туку и фотографија која ќе има и уметнички предиспозиции, рече Зоран Андонов.

Зоран Андонов, роден е во 1959 година. По професија е новинар со 37 годишно работно искуство. Од 1993 година член е на Фото сојузот на Македонија од каде го 2012 година го добива звањето „Фотограф права класа“.
Досега има реализирано четири самостојни изложби на фотографија, а учествувал и на голем број републички и меѓународни изложби, каде има освојувано повеќе награди и признанија.
Член е на Фото групата „Чкрап!“ од Тетово. Коавтор е на делото „Лексикон на странски сликари кои престојувале во Македонија во периодот 1850-1950 година“, на авторот Влатко Милошевски, издадено во 2022 година. ас/бк/
фото МИА