• сабота, 23 ноември 2024

Во тек истрагата за случувањата на петочната седница на собраниската Комисија за надзор над АНБ

Во тек истрагата за случувањата на петочната седница на собраниската Комисија за надзор над АНБ
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Се уште нема одговор што се случи, зошто и кој е виновен за тоа што се слушало она што се зборува на седницата во петокот на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, на којашто реферираше директорот на АНБ, Виктор Димовски. Од Министерството за внатрешни работи за МИА велат дека случајот е пријавен во Секторот за компјутерски криминал и оти веќе се постапува по него, но засега не се соопштуваат други информации. Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери посочуваат дека истрагата е во тек и дека штом Собранието добие официјални информации од Министерството за внатрешни работи, јавноста ќе биде информирана. На прашањето дали веќе има суспензии на вработени по овој настан, од Кабинетот велат дека нема ништо од тоа, бидејќи, според нив, се уште не се знаат причините за тоа што се случи на Комисијата. Во петокот директорот на АНБ, Димовски на затворена седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР, реферираше за случајот со давање македонско државјанство на украинскиот државјанин Олександар Онишченко. Она што се зборуваше на затворената седница на Комисијата одело тонски во живо на Јутјуб. Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов за МИА изјави дека се уште чека да биде известен од Џафери за исходот од истрагата за потоа да закаже продолжение на седницата. Информации за истрагата од Џафери чека и опозицијата. Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции. Димовски во петокот по седницата изјави дека при интерната постапка во АНБ за евентуален пропуст за случајот „Онишенко“ е констатирано дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со партнерите од НАТО пред да се даде позитивно мислење. Според него, „лоциран е прстенот и поединецот“ што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност. Димовски додаде дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност. ев/сп/

Остани поврзан