• понеделник, 18 ноември 2024

Во тек е реализација на големи енергетски проекти од обновливи извори на енергија, најави Ковачевски

Во тек е реализација на големи енергетски проекти од обновливи извори на енергија, најави Ковачевски
Скопје, 28 јануари 2022 (МИА) - Владата навреме почна да ја следи енергетската криза и веднаш презеде мерки за ублажување на последиците врз граѓаните. Уште во првата половина на минатата година го намаливме ДДВ-то на цената на струјата на 5 отсто и го регулиравме пазарот на мало за снабдување со електрична енергија и затоа немавме ценовен шок како што има во повеќето европски земји, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за националниот радиодифузен сервис. Паралелно со овие мерки, додаде Ковачевски, во врвот на стратешките инвестиции ги ставивме енергетските проекти и за кратко време во земјата влегоа двете најголеми компании за обновливи извори на енергија, германската ПВД со ветерен парк со најголем капацитет во регионот и „Акио Енерџи“ од Франција во соларен парк исто така најголем во регионот. - Тоа ќе ја подобри енергетската слика во државата. На чекор сме до втората фаза на изборот на компанија за изведба на хидроцентралата Чебрен. Во втората фаза имаме девет конзорциуми, сериозни компании кои претендираат да го реализираат овој мегапроект. Јас ќе влезам во листата на премиери кои што ја започнале реализацијата на втората фаза на мегапроектот хидроцентралата Чебрен, рече премиерот Ковачевски. Успеавме, како што рече, да го бајпасираме ударот во снабдувањето со електрична и топлинска енергија со ставање во функција на сите можни капацитети во земјата кои беа надвор од употреба, како и со преземање на двете топлани и ТЕ-ТО, која ги удвои капацитетите за дополнително производство електрична енергија. Премиерот Ковачевски посочи дека владата на СДСМ беше за зголемување на минималната плата, која беше 9.000 денари, а сега е над 15.000 денари. Соопшти дека тој бил еден од поддржувачите на растот на минималната плата уште во периодот кога бил вклучен во креирањето на Програмата на СДСМ за изборите во 2016 година која потоа се реализираше. - И тогаш и сега сметам дека минималната плата треба да се зголеми низ економско-социјален дијалог. Минималната плата не може да биде еднострана административна одлука бидејќи тука се засегнати и компаниите. Владата останува на својата заложба за зголемување на минималната плата. Покачувањето мора да биде низ дијалог и во согласност со сите социјални партнери. Сега в понеделник имаме состанок со синдикатите и со владини претставници. Ние сме за зголемување, но мораме сите да ги слушнеме. Истото беше и со недела за неработен ден. Имаше дебата подолго време, имаше различни ставови, но сепак на крај имавме решение, на кое сите се согласија. Така мора да биде и сега за минималната плата. Ние како Влада сме подготвени, но сакаме учество на сите засегнати во процесот, порача Ковачевски. мд/сп/

Остани поврзан