• недела, 28 јули 2024

Во тек е изградба на колекторски систем во Општина Илинден

Во тек е изградба на колекторски систем во Општина Илинден
Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) - Во тек е изградба на колекторски систем во должина од 5000 метри, кој минува низ централниот дел на Илинден и Марино и ќе ги зафати и одведе отпадните фекални води до пречистителна станица со капацитет од 2500 еквивалент жители која што ќе ги пречисити отпадните води од колекторскиот систем. Од прес-службата на Општина Илинден информираат дека фокусот е ставен на изградба на пречистителни станици и канализациски систем во повеќе населени места каде што се работи на изградба на канализациска мрежа во должина од 11000 метри. - Се гради канализациска мрежа и пречисителна станица во Кадино, како и колекторски систем со пречисителна станица во Миладиновци. Вкупната вредност на овие проекти е околу 100 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на општина Илинден. Со реализацијата на овие проекти, над 60 отсто од домаќинствата во општина Илинден ќе бидат приклучени на системот за фекална канализација со пречистување на отпадните води, посочуваат од Oпштината. Дополнително, потенцираат дека Oпштината обезбедила и средства од други извори на финансирање, од централната власт и други финансиски институции, како што е проектот за изградба на фекална канализациска мрежа во локалитетот Јака за кој со одлука на владата се обезбедени 19.808.111 денари, средства од ТАВ Македонија со пренамена за изградбата на карго аеродромот во Штип, што треба да се реализира до крајот на годината. Посочуваат дека обезбедени се средства од Министерството за транспорт и врски за реконструкција на улица „532“, од Министерството за животна средина, за изградба на пречистителна станица во Миладиновци, како и од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој. - Што се однесува директно до населбата Јака обврска на општина Илинден во вкупната инвестиција за инфраструктура е 10 отсто, додека другото е обврска на централната власт. Досега општината инвестираше 30 отсто. Општината инвестираше во изградба на јавни објекти во делот на детската заштита-изградба на нова детска градинка во Миладиновци и проширување на капацитетите на постоечката детска градинка „Гоце Делчев“ во која се воведени и јасли. Дополнително во областа на образованието и инвестиции во проширување на просторните капацитети за имплементирање на квалитетен воспитно образовен процес ќе се гради ново основно училиште во Илинден кое ќе ги задоволи потребите на граѓаните за воведување на настава во една смена. Додека целиот свет се бореше со пандемијата, а болниците беа преполни, треба да ја имаме пред очи реалноста што ни се случуваше во изминатата година и половина во сите области на тековното живеење и работење, информираат од Општина Илинден.фф/скс/ Фото: МИА Архива

Остани поврзан