• среда, 25 декември 2024

Во Солун отворени глобалните центри на Фајзер за дигитална иновација и за деловни операции и услуги

Во Солун отворени глобалните центри на Фајзер за дигитална иновација и за деловни операции и услуги
Солун, 12 октомври 2021 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот и извршен директор на Фајзер Алберт Бурла, денеска во Солун,  свечено, на дигитален начин ги отворија двата глобални центри на Фајзер, едниот за дигитална иновација, а другиот за деловни операции и услуги, јави дописничката на МИА од Атина. Според грчкиот премиер инвестицијата за период од десет години, ќе надмине 600 милиони евра, ќе отвори околу 700 работни места, а вработените ќе бидат од различни професии, не само научници, туку и експерти за информатичка технологија, сметководство, управување со човечки ресурси, набавки итн. -Солун станува престолнина на екстровертноста, на новото размислување, на новите пазари. Заедно со Солун, се менува лицето и на цела Грција, станува седиште на големи странски инвестиции. Веќе се ориентира кон екстровертност, технологија, извоз. Ова значи зголемено јавно богатство, повеќе вработувања, поголем социјален просперитет, бидејќи стратешките чекори преземени во иновацијата оставаат целосен отпечаток што ги надминува непосредните работни места што се создаваат, истакна Мицотакис. Претседателот и извршен директор на Фајзер Алберт Бурла кој воедно е од Солун, изрази особено задоволство за инвестицијата и за нејзината важност за градот, потсетувајќи на зборовите на амеркианскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат. -Пред неколку дена, амбасадорот Пјат истакна дека угледот на Солун драстично се менува, бидејќи постојано и меѓународно се воспоставува како седиште на големите американски компании за технологија и иновации и глобален центар за деловно работење. Многу сум среќен што гледам дека овие инвестициски потези на Фајзер се целосно усогласени со приоритетите на земјата и целокупната стратегија, истакна Бурла. По отворањето, заедно со Мицотакис го посетија објектот во источниот дел на Солун што се наоѓа на површина од над 9.000 метри квадратни, а работи по моделот на центрите што веќе постојат во Мадрид, Париз и Њујорк. Центарот за дигитална иновација (ЦДИ) развива иновативни дигитални и технолошки решенија кои промовираат откривање на иновативни лекови и вакцини, додека пак Центарот за деловни операции и услуги е централна глобална платформа на Фајзер за  финансиски услуги, услуги за корпоративна трансформација, човечки ресурси и услуги за набавки. ср/ Фото: Димитрис Папамицос/ Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан