Во Собранието ќе заседава Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика
- Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.
Членовите на Комисијата ќе го разгледуваат Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, во второ читање.
Како што стои во образложението објавено на собранисиката веб-страна, основна цел на предложениот Закон е овозможување на поефективен и правно унифициран пристап за привлекување на странски инвестиции во рамките на технолошки индустриски развојни зони, како и хармонизирање на прописите од областа на зоните заради остварување на конзистентност на правниот поредок на Република Северна Македонија.
Со предложените изменувања и дополнувања, како што се посочува во образложението, се прецизираат одредбите од Законот за технолошки индустриски развојни зони во делот на условите за користење на погодностите за инвестирање во технолошките индустриски развојни зони и посебните услови за вршење на дејностите во технолошките индустриски развојни зони поради потребата од утврдување на можностите за релокација на претпријатија во технолошки индустриски развојни зони, под услови и на начин регулиран како за европската економска заедница.
-Се предлага измена во делот на постапката за засновање на право на службеност на градежно земјиште во рамките на зоната и дополнување на законот со утврдување на постапка за засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во рамките на зоните на даватели на услуги од јавен интерес. Сето ова од причина што со претходно утврдените одредби во Законот за ТИРЗ во делот на постапките за службеност, Дирекцијата за ТИРЗ не беше во можност да ја спроведува цитираната постапка согласно Законот за градежно земјиште поради отсуството на потребен софтвер утврден во Законот за градежно земјиште и тешкотиите за приклучување на ДТИРЗ кон веќе постоечкиот. Измените и дополнувањата на овој дел од Законот ќе претставуваат прецизирање на постапката за засновање на право на службеност на градежно земјиште во рамките на зоната во Законот за технолошки индустриски развојни зони, се вели во образложението за Предлог-законот. фф/мд/
Фото: МИА Архива