• сабота, 23 ноември 2024

Во Собранието пленарна седница и три комисии

Во Собранието пленарна седница и три комисии
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) – Собранието денеска треба да ја продолжи 45-тата седница, на чиј дневен ред се повеќе предлог законски решенија, барања за автентичко толкување и годишни извештаи за работата на повеќе државни иниституции и тела. Пред пратениците во прво читање е Предлог Законот за медијација, со европско знаменце, а ќе треба да ги разгледаат и измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва, на Законот за игрите на среќа и за забавните игри и на Законот за животната средина, сите во прво читање. Пратениците треба да ги разгледаат и годишните извештаи за работата на Судскиот совет, Македонската радио телевизија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, сите за 2020 година. Во Собранието денеска се закажани и седници на три комисии. Седници ќе одржат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за економски прашања и Законодавно-правната комисија. На комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, во второ читање, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство,  Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, во второ читање, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, по скратена постапка, исто така во второ читање. Комисијата за економски прашања ќе расправа за Предлог-измените на Законот за трговски друштва, Предлог – измените на Законот за метрологијата, Предлогот за изменување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за занаетчиство, Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, сите во второ читање. Законодавно-правната комисија ќе одржи три последователни седници, на чиј дневен ред, меѓу другото се, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, во второ читање, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, двата по скратена постапка. аа/бак/

Остани поврзан