Во случајот со Северна Македонија да се применат европските вредности и критериуми за членство, да продолжи билатералниот дијалог меѓу Скопје и Софија
- Случајот на Северна Македонија е сериозен тест за европската перспектива на регионот и за постулатите на Унијата како заедница на вредности, што ја слави јазичната и културната различност на

Во меѓувреме, вршителот на должност бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев изјави дека дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжи и во иднина, за остварување на единствената и заедничка цел – земјата да започне преговори со ЕУ.
Главниот фокус на дискусијата во Брдо, насловена „Кон поголема отпорност на ЕУ по Ковид-19 кризата“, беше ставен на зајакнување на капацитетите на Унијата за справување и опоравување од Ковид-19 кризата, при што Димитров ја потенцираше важноста на развивањето заеднички координиран пристап на ЕУ и Западниот Балкан за справување со споделените предизвици како можности за поголема интеграција.
– Вирусот не познава граници и не знае дали земјите се членки или кандидати за членство. Затоа нашиот регион, опкружен со ЕУ земји, мора заедно со ЕУ да се справува со заедничките кризи, како што е пандемијата, рече Димитров, додавајќи дека Западниот Балкан е вклучен во повеќето механизми на ЕУ за справување со здравствената криза, но и социо-економско опоравување.
Според Димитров, зборот криза значи одлучувачки момент и токму за проширувањето, во рамки на словенечкото претседателство ни престои таков одлучувачки момент во смисла на потребата од заживување на европскиот сон во Западниот Балкан.
- Успехот ќе биде заеднички. Неуспехот ќе биде заеднички. Во следните шест месеци, или ќе ја достигнеме оваа одлучувачка точка - или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме. Сметаме на вештините и мудроста на нашите словенечки пријатели за да успееме, нагласи Димитров.
Вицепремиерот Димитров завчера по пристигнувањето во Љубљана имаше средба со државниот секретар во Министерството за надворешно работи на Словенија и актуелен претседавач со ГАК, Гашпер Довжан, при што нагласи дека приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ во следните шест месеци, покрај пријателска поддршка за нас и за регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија. Димитров во четвртокот во Љубљана имаше средби и со летонскиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот државен секретар за европски прашања Мартин Клус, на кои беше реафирмирана поддршката за отпочнување на преговори за членство со оглед на фактот дека Северна Македонија ги исполни сите услови и беше потенцирано дека е потребен итен исчекор во процесот на проширување на Унијата.