• вторник, 24 декември 2024

Во Скопје регистрирани 312 случаи на голема кашлица, се следи состојбата во Куманово

Во Скопје регистрирани 312 случаи на голема кашлица, се следи состојбата во Куманово

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Вкупно 312 случаи на голема кашлица се регистрирани во Скопје годинава, за МИА утрово потврди доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје. Во главниот град на државава се уште е во тек епидемијата на пертусис или народски кажано голема кашлица.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА рече дека се следи состојбата со голема кашлица и во Куманово, каде има зголемување на бројот случаи.

- Во врска со пертусисот, се забележува зголемување на бројот случаи во Куманово. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата и доколку има потреба од дополнителни мерки, истите ќе ги препорача, нагласи Мехмедовиќ.

Тој кажа оти нема зголемување на бројот случаи регистрирани со грип или болест што наликува на грипот. 

- Се работи за вообичаена фреквенција на новодетектирани, заболени во овој период од годината. Тоа не е нешто што треба да не загрижува, додаде Мехмедовиќ.

Центарот за јавно здравје Куманово вчера прогласи епидемија на пертусис на ниво на ова подрачје. бд/ев/

Остани поврзан