• четврток, 26 декември 2024

Во Скопје дводневен состанок на Управната група на БАМИН

Во Скопје дводневен состанок на Управната група на БАМИН

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) – Стратешкиот развој на Балканската мрежа на агенции за управување со одземен имот (БАМИН), предизвиците во прекуграничното управување со одземениот имот и планирање на наредните активности на мрежата се цел на дводневниот состанок на Управната група на БАМИН што се одржува во Скопје.

На состанокот, како што изјави директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу, се разговара и за проширување на БАМИН, бидејќи, како што кажа, се повеќе јурисдикции од различни страни на светот меѓу кои од Европската Унија и Азија, изразуваат интерес за мрежата.

-Соработката со новите јурисдикции ја засилува меѓународната соработка со управувањето со конфискуваниот имот и воедно ја заголемува националната способност за ефикасно справување со конфискуваните средства во согласност со целите на БАМИН. Покрај тоа, во рамки на состанокот се спроведува и рецензиска мисија од страна членовите на БАМИН која ќе ја оценува  ефективноста на македонската Агенција за управување со одземен имот, рече Небиу на денешната прес-конференција.

Агенциите учеснички на состанокот, додаде, ќе ги разгледуваат моменталните практики и ќе ги интервјуираат претставниците од различните релевантни македонски институции.

Џил Томас од Секретаријатот на БАМИН посочи дека претставниците на Управувачката група дискутираа како да се овозможи поддршка на 20-те земји членки за поефективно управување со одземените имоти стекнати на кривичен начин во прекугранични случаи кога имотот се наоѓа во една јурисдикција, а случајот се процесуира во друга.

-Изнаоѓање и заплена на кривично стекнат имот кој е скриен во различни јурисдикции, односно во различни земји, претставува голем предизвик како од гледна точка на постапките, така и на целокупната правна постапка. Откако таквиот имот ќе биде запленет со  него треба да се управува на начин кој ги запазува интересите како на земјите, така и на жртвата на кривичното дело. Од клучно значење е властите кои се вклучени во оваа постапка да ги користат услугите на стручните лица кои се собрани токму во агенциите за управување со одземен имот и да се консултира нивната експертиза, рече Томас.

Нагласи дека земјава веќе има значајно искуство во овој процес, но, посочи, секогаш постојат нови предизвици со кои треба да се справуваме.

-Таков предизвик е и појавата на крипто валутите која бара од агенциите за управување со одземен имот да размислуваат за алтернативни стратегии и начини на справување со таквиот тип на имот. Токму тоа ќе биде клучниот фокус на претседателството на Северна Македонија се мрежата БАМИН во текот на 2024 година, потенцира Томас.

Состанокот на Управната група на БАМИН во Скопје е организиран од Секретаријатот на БАМИН со поддршка од ОБСЕ, а на него покрај од земјава учествуваат и претставници од Босна и Херцеговина, Република Српска, Хрватска, Молдавија и Украина како членки на Управниот одбор на БАМИН. Состанокот се одржува непосредно пред земјава од Молдавија да го преземе едногодишното претседавање со мрежата кон крајот на април.вј/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан