• среда, 27 ноември 2024

Во село Кучково и околината ќе се поставува вертикална сигнализација за велосипедска и пешачка патека

Во село Кучково и околината ќе се поставува вертикална сигнализација за велосипедска и пешачка патека
Скопје, 30 мај 2022 (МИА) - Општина Ѓорче Петров во соработка со Центарот за Скопски плански регион стартува со реализација на проектот „Мапирање на рекреативна велосипедска и пешачка патека со поставување на вертикална сигнализација во с.Кучково“. Вкупната должина на велосипедската патеката е 4.500 метри и два метри ширина. Должината на пешачката патека е 8.410 метри и 1,5 метар ширина, соопшти Општина Ѓорче Петров. Почетокот на реализација на проектот го означи градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој рече дека на овој начин се насочуваме кон планинскиот туризам и убавините што ги нуди руралниот дел во нашата општина. -Создадовме ново прибежиште за љубителите на природата на само 16 км оддалеченост од центарот на Скопје. Ќе им понудиме на посетителите нов простор за спорт и рекреација, урбано оплеменување на постоечкиот и неоплеменет дел во Кучково. Со проектот предвидено е и расчистување на трасата, поставување видиковци и информативни табли, корпи за отпад, клупи и културни знаменитости, изјави Стојкоски. Кучково ќе биде на мапата на атрактивни туристички дестинации во Македонија, најави тој додавајќи дека тоа било ветување пред граѓаните. Вредност на проектот e околу четири милиони и 700 илјади денари од кои 10 проценти кофинансира општината. Останатите средства ги обезбедува Центарот за Скопски плански регион. ев/дма/

Остани поврзан