• понеделник, 16 декември 2024

Во северна Шпанија прогласена вонредна еколошка состојба поради пластика на плажа

Во северна Шпанија прогласена вонредна еколошка состојба поради пластика на плажа

Мадрид, 10 јануари 2024 (МИА) – Властите во северна Шпанија денеска прогласија вонредна еколошка состојба, откако големи количини пластични топчиња беа исфрлени на плажите.

Регионите на Астурија и Галиција сега можат да побараат помош од централната влада за чистење на плажите по активирањето на вонредната состојба, јави весникот La Voz de Galicia.

Белите парчиња пластика, мали колку зрно леќа, се користат за изработка на пластични делови за разни стоки.

Тие завршија во морето кога неколку контејнери со околу 25 тони таква пластика паднаа од товарен брод за време на невреме во декември.

Пластиката била спакувана во најлонски кеси кои се искинале во морето.

Данскиот бродски гигант „Маерск“ потврди дека изнајмениот брод „Токонао“ изгубил шест контејнери „Маерск“ во близина на брегот на Галиција на 8 декември на пат за Ротердам.

Инцидентот веднаш бил пријавен кај шпанската и португалската крајбрежна стража, изјави портпаролот на Маерск.

Сопствениците на бродот нарачале специјализирани компании да помогнат во отстранувањето на пластиката.

Бројни доброволци со денови се трудат да ги исчистат плажите со метли, гребла, лопати и сита за домаќинство.

Екологистите предупредија на опасноста пластиката да влезе во синџирот на исхрана на луѓето и животните. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан