• четврток, 26 декември 2024

Во Прилеп 29 повратници од странство добија сертификати за оформено основно образование

Во Прилеп 29 повратници од странство добија сертификати за оформено основно образование

Прилеп, 13 септември 2024 (МИА) - Во Прилеп денеска им беа врачени 29 сертификати на возрасни кои го дооформија основното образование преку проектот на УНДП, процес што се одвиваше во ОУ „Добре Јованоски“.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, Македонија не може да се пофали со висока бројка или целосна инклузија на сите луѓе во образовниот систем. Овој проект, оцени таа, е голема можност да се унапредат состојбите.

- Ние имаме помала инклузија во однос на ЕУ и во предучилишното образование, но имаме и луѓе кои не го завршиле основното, а не го завршиле ни средното образование затоа што од разни причини не биле вклучени во образовниот систем. Еве, се отселиле во странство, не се приклучиле на образовниот систем, да не ги образложувам причините. Поентата е што ние сега како држава треба да им овозможиме и им овозможуваме, тоа е значајно и тоа го регулираме и во законот за образование на возрасни да добијат тие што можат, според годините, формално образование, тие што не, да добијат неформално и формално образование за да може да се вклучат на пазарот на трудот, изјави Јаневска.

Меѓу 29-те кои ги добија сертификатите се и Артан Керимоски Кевини Рушидоски.

Керимоски се надева да добие работа.

– Бев во Германија, ама таму не успеав. Се вратив, овде се запишав да го завршам основното образование. За да имам можност да добијам возачка дозвола, работа, рече Керимоски.

Кевини Рушидоски сака да го оформи и средното образование зашто без тоа нема напредок.

- Бев во Белгија долго време. Кога се вратив, не ми беше признато школото.  Се обратив во ОУ „Добре Јованоски“, таму имаше проект за основно. Учев и заклучив дека без образование нема ништо. Планирам да продолжам и средно образование за да имаме можности за работа, изјави Рушидоски.

Проектот за оформување на основното образование го спроведува УНДП со финансиска поддршка на ЕУ и поддршка на Министерството за образование и на локалните власти, зашто пристапот до основното образование се смета за основно човеково право.

- И за формалното, и за неформалното образование сметаме дека ова е одлична можност која им ја зајакнува реинтеграцијата во општеството на кое му припаѓаат. Пристапот до основното образование се смета за основно човеково право и сметаме дека секој граѓанин на оваа земја треба да го поседува. Би сакал да им се заблагодарам на сите наши партнери во овој процес, на Европската Уника која ја финансира финансира оваа иницијатива, на Министерството за образование и наука, на општина Прилеп, но и на другите министерства и општини кои се вклучени, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во Македонија.

Григорјан најави дека моментално се во процес на преговори, се дискутира со Министерството за образование и наука и со општините и потенцијалните донатори кои би можеле да го финансираат проектот понатаму.

- Размислуваме да го продолжиме овој проект и во наредната година, рече Григорјан.

Во Прилеп лани основното образование го оформиле 22- ца возрасни, а годинава сертификатите ги добија 29 граѓани, повратници во земјава. ем/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан