• понеделник, 16 декември 2024

Во почетокот на октомври европскиот регулатор одлучува за трета доза вакцина против Ковид-19

Во почетокот на октомври европскиот регулатор одлучува за трета доза вакцина против Ковид-19
Брисел, 24 септември 2021 (МИА) - Во почетокот на октомври Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе објави дефинитивен став за потребата од трета доза вакцина против Ковид-19. Одлуката беше донесена на брифинг за новинари. Докторот Марко Кавалери изјави врвен приоритет за ЕМА останува што повеќе луѓе да бидат целосно вакцинирани, но дека се следат научните анализи за таканаречената „бустер доза“. -Доказите стануваат појасни дека лицата со компромитиран или силно ослабен имунитет ќе имаат потреба од дополнителна доза, рече Кавалери, објаснувајќи дека голем дел од имунокомпромитираните пациенти не е одговараат доволно ефикасно на првите две дози, и дека трета доза на мРНК вакцина може да го зајакне имуниот систем. ЕМА заедно со Центарот за контрола на болести сега ги евалуираат податоците за бустер дозата, според студиите имунитетот од првите две дози се намалува во различни делови од светот, посебно кај најстарите лица и се очекува земјите членки во пресрет на зимата да сакаат да го обезбедат имунитетот на населението. Останува отворено прашањето за достапноста на вакцината за сиромашните земји каде многу мал број на населението е вакцинирано и дали трета доза е потребна во богатите земји во недостаток на вакцини во светот. -Како регулаторите го отворивме прашањето да не се брза со бустер дозата ако нема јасни индикации, ригорозно ќе го следиме патот на научните докази без притисок од било кои групи на влијание, разбираме дека некои земји ја разгледуваат опцијата за бустер доза и затоа ќе излеземе со став на почетокот на октомври, рече Кавалери. Фајзер одби да коментира, а БиоНТек не беше достапен за коментар. Регулаторот на ЕУ на 6 септември соопшти дека почна со евалуација на податоците на Фајзер и БиоНТек за засилувачката доза што ќе им се даде на луѓето на возраст над 16 години, шест месеци по добивањето на втората доза. Модерна, исто така, наскоро до ЕМА треба да ги достави потребните податоци за засилувачката доза, се наведува во документот на ЕУ. Во мислењето издадено на почетокот на септември и реиздадено од ЕМА, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) наведува дека нема итна потреба од зголемена доза од целосно вакцинирани лица во општата популација.  Но, тие забележуваат дека треба да се земат предвид дополнителни дози на вакцината за луѓе со ослабен имунолошки систем. Многу членки на ЕУ веќе одлучија да користат засилувачки дози и покрај правните ризици, бидејќи ЕМА се уште нема донесено формална одлука. Шведските власти разгледуваат опции за давање трета доза на вакцина против коронавирус на поголем дел од населението стравувајќи дека заштитниот ефект на две дози од вакцината не е доволен и дека може да почне да опаѓа со текот на времето, објави денеска Агенцијата за јавно здравје.  Здравствената агенција неодамна забележа дека има околу 40.000 луѓе на кои им е потребна трета доза од вакцината, но вчера објави дека овој број на луѓе наскоро би можел да биде поголем. зш/

Остани поврзан