• петок, 28 февруари 2025

Во последното фашистичко упориште, Мусолини веќе не е почесен граѓанин

Во последното фашистичко упориште, Мусолини веќе не е почесен граѓанин

Сало, 27 февруари 2025 (МИА) - Италијанскиот град Салo - последното седиште и упориште на фашистичката влада во Втората светска војна, му го одзеде статусот на почесен граѓанин на диктаторот Бенито Мусолини. Градскиот совет во Сало гласаше со 12 гласа „за“ и 3 „против“, за одземање на тој статус, по два неуспешни обиди последниве години.

- Никој не сака да брише историски факт... Но, сакаме да свртиме нова страница, со силна симболична вредност и да покажеме дека Мусолини нема место во денешна Италија, рече градоначалникот Франческо Кањини.

За претставничката на десничарската опозиција во Советот, Ерминија Бонфанти, оваа иницијатива против диктаторот, кој е мртов 80 години, е „бесполезна и бесмислена борба против италијанските градови“.

Статусот на почесен граѓанин на Мусолини му беше одземен и во Фиренца во 2009., во Торино во 2017. и во Пиза во 2017 година. Официјално, во „левичарската“ Болоња и неколку други помалку познати места, неславниот лидер сè уште е почесен граѓанин.

Мусолини и неговата Фашистичка партија владееле со Италија од 1922. до 1943 година, како и со германско-нацистичката т.н. Сало Република во северна Италија од '43 - '45 година, со седиште во Сало.  си/

Фото: Википедија

 

Остани поврзан