Во пожарот пред Отовица кај велешкото езеро „Младост“ изгореа 50 хектари сува трева, нискостеблеста шума, багреми и борчиња
- Во пожарот кој вчера попладне избувна пред влезот на селото Отовица во близина на велешкото езеро „Младост“ изгореа 50 хектари сува трева, нискостеблеста шума, багреми и дел борчиња.
Велес, 3 август 2023 (МИА) - Во пожарот кој вчера попладне избувна пред влезот на селото Отовица во близина на велешкото езеро „Младост“ изгореа 50 хектари сува трева, нискостеблеста шума, багреми и дел борчиња.
Пожарот бил пријавен во 13:30 часот, а изгаснат во 19:40 часот, но екипа на Територијалната Противпожарна Единица од Велес со шест пожарникари и едно противпожарно возило синоќа беше оставена на терен за секој случај, информираат за МИА од Регионалниот Центар за управување со кризи Велес.
-Во едно време имало опаснот и по куќите во селото, но брзата и навремена кординирана акција на сите надлежни, а и со подршка од полицијата и локалната власт и градоначалникот Марко Колев, ЈКП „Дервен“, ШС Бабуна и месното население го спречи проширувањето на пожарот, велат од РЦУК Велес.
Во пожарот биле вклучени 16 пожарникари со пет противпожарни возила, една цистерна со двајца вработени од ШС „Бабуна“ и девет вработени од ЈКП„Дервен“ и месното население. Во гаснење на пожарот се вклучи и еден хеликоптер на МВР и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
Истрагата на СВР Велес треба да открие што е причината за овој пожар, информира за МИА, Ристе Самарџиев портпарол на СВР Велес.
Надлежните се сомневаат дека како и во изминатиот пожар на истата локација од 31 јули годинава причина е фрлен отпушок од цигара на автопатот Велес - Скопје, а потоа пожарот се проширил. Но тогаш пожарот беше помал и побрзо беше изгаснат и имаше помала штета. Од полицијата велат дека затоа тешко може да го открие сторителот на пожарот.
Самарџиев потенцира дека брзото гаснење на пожарот е дел од заедничката акција на сите надлежни институции добро поврзани и кординирани пред почетокот на летната сезона, а во рамките на акцијата „Безбедно лето“. ад/дма/