• среда, 27 ноември 2024

Во Парламентот во Софија се подготвува декларација по нарушување на односите со Скопје

Во Парламентот во Софија се подготвува декларација по нарушување на односите со Скопје

Скопје, 28 јануари 2023 (МИА) – Бугарската собраниска Комисија за надворешна политика, на нејзината последна седница, едногласно усвои декларација, која треба да се стави на гласање на пленарна седница, а во која се изразува осуда поради „актите на насилство врз Бугарите, нивните клубови и организации“. Со декларацијата се осудува и насилството врз Христијан Пендиковски.

Во документот што го објави БГНЕС, се осудуваат, како што се вели, „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Република Северна Македонија“ со оценка дека станува збор за намера заради изградба на чувства на омраза кон Бугарите и Бугарија.

Во Декларацијата од девет точки, се осудува, како што се посочува, говорот на омраза во Северна Македонија против локалните Бугари и Република Бугарија, како и неговите манифестации во политичкото, јавното и медиумското опкружување. Се повикуваат властите и институциите во Северна Македонија да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза во сите форми и манифестации против бугарските граѓани и граѓани со бугарски идентитет.

-Заштитата на правата на бугарските граѓани и граѓаните со бугарска самосвест во Република Северна Македонија треба да се гарантира и преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од Европската унија и со одлуката на Четириесет и седмото Народно собрание од 25 јуни 2022 година, се наведува меѓу другото во Декларацијата.

Во документот се изразува загриженост дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во ЕУ“ што, како што се посочува, им служи на интересите на трети земји. вг/бак/

Остани поврзан