• вторник, 25 март 2025

Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски

Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски

Куманово, 25 март 2025 (МИА) - Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое обвинет за „злоупотреба на служена положба и овластување“ е кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, по пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово. На денешното рочиште на предлог на одбраната на Димитриевски беше презентирано економско вештачење.

Вештото лице кажа дека дел од средствата се нужни, подносителите ги сносат при постапка за добивање на одобрение на градба. Дел  од трошоците не претставуваат штета за градежните компании причинета од градоначалникот од општина Куманово, бидејќи балансни уплати поврзани со одредени договорни рокови не се поврзани и не се услов за добивање на одобрение за градба, посочувајќи дека трошоците произлегуваат од должничко-доверителските односно склучени помеѓу барателите за градба и други правни лица добавувачи. Вештото лице кажа дека во деловното работење доброволно се склучуваат договори и за последиците не се бара вина од трето лице кое не е учесник во договорите, како и дека договорите не се услов за постапка за добивање на одобрение за градба.

На наодот реагираа обвинителот и адвокатите на градежниците кои кажаа дека трошоците влегуваат во завршните сметки и се признаени при оданочувањето. Во изјавата за медиумите едниот од адвокатите на градежниците, Виктор Цветковски посочи дека обвинетиот и одбраната се обидуваат да ја намалат штетата која ја предизвикале со незаконити дејствија што било слично со претходниот вешт наод од областа од градежен аспект.

- Обидот беше ист, да се намали штетата која ја предизвикал градоначалникот со своите дејствија, рече Цветковски.

На едно од рочиштата кумановскиот градоначалник Димитриевски рече дека е обвинет за наводно сторено кривично дело и предизвикување материјална штета на лица кои не прибавиле дозвола за градба. Тој кажа дека се работи за „феномен“ во правосудството, но и нагласи дека верува во судот, институциите на системот. Кумановскиот градоначалник нагласи дека е горд што ги штител интересите на граѓаните, додавајќи дека градбата носи штета на детскиот диспанзер и на Гимназијата и не само оваа, туку сите во конкретниот ДУП. Сопствениците на компаниите сметаат дека се оштетени со одлуката за суспензија на ДУП-от за парцелата и побаруваат над 3, 3 милиони денари.

На наредното рочиште, кое ќе се одржи во мај, годинава ќе се произнесат и обвинителството, адвокатите на оштетените и на одбраната во дел на дополнителни докази. ам/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан