Во општина Маврово и Ростуше минатата година исплатен еднократен паричен надоместок за 39 новороденчиња
- Во општина Маврово и Ростуше минатата година исплатен е еднократен паричен надоместок за 39 новороденчиња, што е двојно повеќе од претходната година
Дебар, 27 јануари 2025 (МИА) - Во општина Маврово и Ростуше минатата година исплатен е еднократен паричен надоместок за 39 новороденчиња, што е двојно повеќе од претходната година.
-Во текот на минатата година, доделивме 39 ваучери, односно еднократен паричен надоместок, што е за 20 повеќе споредено со претходната или 13 повеќе споредено со 2022 година. До септември надоместокот беше во износ од по 5 илјади денари, по што тој е зголемен на 9 илјади денари. Во првиот месец од годинава, до денес, сè уште немаме новороденче, изјави за МИА, Букурија Беќири, раководител на одделението за човечки ресурси во општината.
Бебешки бонус општината доделува врз основа на едногласно донесената одлука на Советот на општината, во 2018 година, во рамки на Програмата за здравствена, социјална и детска заштита и до сега ова право е исплатено за 219 бебиња.
- Ваучери за новороденчиња ќе доделуваме и годинава, што е осма година по ред. Да потсетам на она што е веќе познато. Ова право се доделува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на општината Маврово и Ростуше, но не и на семејствата кои потекнуваат од овој крај а живеат и работат во странство или во друга општина во државава, додава Беќири.
Општината неколку години по ред доделува и еднократна помош за сите првачиња, кој од лани е во износ од по 6 илјади денари, како и по 10 илјади денари за секој редовен но и вонреден студент, доколку е невработен. Овие права ги оствариле 40 првачиња или три повеќе од претходната учебна година и 19 студенти, што е за 8 помалку од претходната академска учебна година. вт/сст/
Фото: МИА