• четврток, 26 декември 2024

Во Нормандија оддадена почит на Македонците кои загинаа во Првата светска војна

Во Нормандија оддадена почит на Македонците кои загинаа во Првата светска војна
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Со положување венец пред споменикот на паднатите жртви, денеска во гратчето Коломбел, во францускиот регион Нормандија, традиционално беше оддадена почит на Македонците кои во редовите на Француската армија загинаа во виорот на Првата светска војна.

-Една од алките на француско-македонското пријателство се токму овие млади Македонци кои биле мобилизирани во француската војска и загинале под француско знаме во текот на Првата светска војна, подвлече градоначалникот на гратчето Коломбел Марк Потје, кој заедно со другите етнички заедници во Паркот на мирот во овој град се поклонија пред споменикот на жртвите.

Како што информираат од македонската заедница, годинава нивен претставник е Смиле Петровски, кој положи венец од име на здруженијата „Илинден 1903“ и „Заборавени Македонци“.

Петровски ја истакна важноста на спомен-обележјето во Паркот на мирот во Коломбел каде се овековечени, имињата на 33 Македонци кои загинале на страната на француската армија во Првата светска војна и овој споменик е единствен во Европа кој им оддава почит на Македонците учесници во таа војна.

 На 11. ноември Франција на државно ниво го одбележува денот кога беше означено примирјето и победата на сојузниците над Германија во Првата светска војна. Примирјето стапи во сила во Париз и овој историски датум е познат под називот „во 11 часот на 11-от ден од 11-от месец“ во 1918 година, кој ден се смета за капитулација на Германија во Првата светска војна.

Иницијативата за подигнување на спомен-обележје во Нормандија беше покрената во 2017 година во пресрет на одбележувањето на 100 години од крајот на Првата светска војна и учество зедоа општината Коломбел од Франција, општината Штајнхајм ам Албух од Германија, општините од кантонот Карнака од Република Нигер и Општина Новаци од Македонија.

Спомен-обележјето со имињата на загинатите војници во виорот на Првата светска војна се наоѓа во Паркот на мирот во гратчето Коломбел во Нормандија и испишано е на француски, германски и македонски јазик - официјалните јазици на земјите учеснички во проектот. Проектот почива врз европските принципи и вредности и не ја велича само победничката страна (Франција), туку оддава почит кон сите жртви кои неволно биле инволвирани во воениот конфликт и затоа тука е вклучена и Германија како страна која ја загубила војната, наведуваат од македонската заедница. вг/са/

Остани поврзан