• сабота, 23 ноември 2024

Во ноемвриска програма на Кинотека и „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец

Во ноемвриска програма на Кинотека и „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Ноемвриската програма на Кинотека на Македонија 2024 година е вистински културен мозаик, збогатен со уникатни филмски искуства и интригантни дискусии, велат од Кинотеката.

Покрај циклусите на јапонски и шпански филмови, проекциите на „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец и класичниот италијански филм „Крадци на велосипеди“ на Виторио Де Сика, програмата ја збогатува и тематската вечер под наслов „Надреализмот не е мртов“, посветена на надреалистичкото филмско наследство.

- Циклусот на јапонски филмови ја истражува уникатната визуелна и наративна филозофија на јапонскиот филм, каде што темите на чест, љубов, и традиција се интерпретираат на стилски и внатрешно богати начини. Покрај познатите и очекувани самурајски приказни, публиката ќе има шанса да доживее и поинтимни, драмски ориентирани филмови, каде човечките врски се во фокусот, посочуваат од Кинотеката.

Оттаму известуваат дека шпанскиот циклус оваа година е исполнет со интензивни и полни со страсти филмски дела кои се движат од класиката до модерниот авторски филм. Селекцијата вклучува дела од режисери како Алехандро Аменабар и Карлос Саура, кои ја претставуваат енергијата на шпанската кинематографија преку уникатни естетски пристапи и социјални прашања.

- Гледачите ќе можат да навлезат во темите на идентитет, љубов, и традиција кои ја карактеризираат шпанската кинематографија, со посебен фокус на психолошките и емоционалните длабочини на ликовите, велат од Кинотеката.

Покрај интернационалните циклуси, Кинотеката оваа есен ќе ја прикаже и македонската продукција „Убиј ги прво децата“, на Димитар Оровчанец.

- Овој филм, го носи македонското кино на едно сосема ново ниво на експресивност. Сцените исполнети со суровост, црн хумор и социјални коментари даваат остра критика на современите општествени случувања и го отвораат прашањето за моралноста и насилството како средство за преживување, појаснуваат од Кинотеката.

„Крадци на велосипеди“, антологискиот италијански филм на Виторио Де Сика, претставува врв на неореалистичкиот стил со својата моќна приказна за сиромаштијата и семејната борба во повоена Италија. Ова класично дело е едноставно, емотивно и длабоко човеково искуство кое ја истражува социјалната неправда и човечката борба за опстанок. Со овој филм Кинотеката одбележува 50 години од смртта на Виторио Де Сика.

- Посебната вечер посветена на надреализмот ќе вклучува проекции на антологиски надреалистички филмови и панел-дискусија на оваа тема. Оваа програма има за цел да го врати вниманието кон магијата и визијата на надреализмот, истражувајќи го преку класични дела како оние на Луис Буњуел и Салвадор Дали, кои ги поместуваат границите на реалноста и ги истражуваат потсвесните аспекти на човековото искуство. Публиката ќе може не само да ги погледне овие необични филмови, туку и да учествува во дискусија со што ќе се разгледа и дообјасни значењето и влијанието на надреализмот во современата култура, известуваат од Кинотеката.

Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотека. ир/сст/

 

Фото: Кинотека

Остани поврзан