• четврток, 26 декември 2024

Во новата социјална зграда во Велес ќе се вселат 29 семејства, наскоро ќе биде распишан јавен оглас

Во новата социјална зграда во Велес ќе се вселат 29 семејства, наскоро ќе биде распишан јавен оглас

Велес, 18 ноември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска направија обиколка на новата социјална зграда во која наскоро ќе се вселат 29 семејства од ранливите категории на граѓани.

Социјалната зграда се наоѓа во новиот дел на Велес во близина на поранешната фабрика „Киро Ќучук“. Становите се со површина од 30, 40 и 50 метри квадратни, а наскоро се очекува да биде објавен и јавниот повик на кој ќе може да се аплицира.  

- Домувањето за многу поединци и семејства може да биде тешко или отежнато достапно, што значи попречување на социјално ранливите категории на граѓани да постигнат своја независност, стабилност и да изградат чувство на припадност на заедницата. Затоа денес сме овде во Велес, каде направиме обиколка на оваа петкатна социјална зграда, за да покажеме дека водиме грижа и создаваме можности за оние на кои им е најпотребно. На 29 социјално ранливи граѓани, лица без родители и лица со посебни потреби, како и за оние со ниски плати градиме реална можност да добијат свој дом, потенцира вицепремиерот Битиќи.

Од 2017 година до денес, како што посочи, изградени и во фаза на изградба се вкупно 864 социјални стана низ целата држава.

- Со развојот и реализацијата на овој тип на инфраструктурни проекти градиме инклузивно општество во кое секое лице и покрај економските и социјалните предизвици, ќе може да напредува и да го негува својот живот, рече Битиќи.

Битиќи и Шукова го посетиле и реконструираниот регионалниот пат од Велес кон езерото „Младост“, а се информирале и за проектот „Паметно езеро Младост“ финансиран од ЕУ преку Владата.

-Тоа е еден од најголемите проекти од вкупно 54 проекти во целата држава. За жал, видовме лоша слика бидејќи еден дел од што е направено, не се одржува од општината, иако тоа е во нивна надлежност. Ќе треба да видиме зошто општината тоа не го става во употреба за граѓаните на кои им е наменето, рече Битиќи. ад/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан