• вторник, 24 декември 2024

Во Народната банка одржана 49. сесија на Клубот на истражувачи

Во Народната банка одржана 49. сесија на Клубот на истражувачи

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) - Народната банка информира дека во рамки на 49. сесија на Клубот на истражувачи бил претставен научниот труд  „Преглед на новиот калибриран модел на ДСГЕ за македонската економија“ од Тибор Хледик, Јан Влчек, Јоана Маџоска и Мите Митески.

- Овој модел беше развиен во Народната банка, во рамките на проектот за техничка помош во соработка со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Чешката народна банка (ЧНБ), информираа денеска од Народната банка.

Во име на авторите, истражувачките согледби и заклучоци ги презентирал Мите Митески од Народната банка.

Сесијата ја отворила директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која истакнала дека придобивките од трудот се значајни поради проширување на инструментариумот за моделирање и анализа на Народната банка, што ќе придонесе кон натамошно унапредување на процесот на носење одлуки. Таа заклучила дека со поставувањето на овој модел Народната банка е во чекор со централните банки на развиените земји, коишто редовно ги користат ваквите модели во рамки на своите системи за прогнозирање и анализа на политиките.

На почетокот, било истакнато дека во рамки на овој проект се воспоставил нов калибриран модел на ДСГЕ којшто ги отсликува карактеристиките на македонската економија, како мала и отворена економија со фиксен девизен курс којашто има претрпено значителни структурни промени во изминативе години.

- Како што беше наведено, резултатите од моделот се солидни и тој може редовно да се користи за различни симулации преку коишто може да се следи реакцијата на различни променливи на одделни шокови, нивниот придонес, како и нивната трансмисија во останатите сектори од економијата. На крајот од излагањето беше истакнато дека истражувањето засновано на овој модел е релевантно за носителите на политиките, бидејќи овозможува подобри согледувања на основните двигатели на домашната економија, гледано низ една нова призма, со оглед на неговата поставеност на микроекономски основи, се вели во соопштението од Народната банка.

Со одржувањето на 49. сесија, додаваат од централната банка, успешно се завршени активностите на Клубот предвидени за оваа календарска година. Следната сесија е планирана за март идната година. бак/са/

Фото: Народна банка

 

Остани поврзан