• понеделник, 23 декември 2024

Во наредните денови Европската комисија официјално ќе побара Бугарија да предложи нов бугарски еврокомесар

Во наредните денови Европската комисија официјално ќе побара Бугарија да предложи нов бугарски еврокомесар

Софија, 8 јуни 2023 (МИА) - Во наредните денови Европската комисија официјално ќе побара Бугарија да номинира нов бугарски еврокомесар, соопшти прес-службата на Владата во Софија, по телефонскиот разговор меѓу премиерот Николај Денков и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Бугарскиот премиер и се заблагодарил на Урсула фон дер Лајен за честитките за изборот на новата влада. Таа беше првата странска политичарка која со објава на Твитер нему и на вицепремиерката Марија Габриел им посака успех во исполнувањето на новите обврски во бугарската политика, пишува БТА.

Во разговорот, Денков накратко ги презентирал приоритетите на новиот кабинет - подготовката на буџетите за оваа и наредната година, прифаќање на Бугарија во Шенген зоната и еврозоната, како и сите законски измени и реформи поврзани со Националниот план за закрепнување и одржливост. Претседателката на ЕК ја истакнала важноста од заштита на надворешните граници на Европската Унија и потврди дека Бугарија ќе добие 45 милиони евра за зајакнување на граничната стража.

Денков и Фон дер Лајен планираат средба, која најверојатно ќе се одржи во Брисел пред редовниот состанок на Европскиот совет, закажан за 29 и 30 јуни годинава.

Марија Габриел, која сега е вицепремиер и министерка за надворешни работи на Бугарија, поднесе оставка на функцијата еврокомесар откако беше предложена од ГЕРБ-СДС за премиер. На 22 мај му го врати на претседателот Румен Радев неисполнетиот прв истражувачки мандат за формирање влада. Таа и кандидатот за премиер од „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) Николај Денков дадоа заедничка изјава во парламентот, во која Денков објави дека договориле влада на 18 месеци со ротирачки премиер. ссм/

фото: архива

Остани поврзан