• понеделник, 23 декември 2024

Во меѓународната полициска акција во БиХ приведени полициски функционери во ФБиХ, следува Република Српска

Во меѓународната полициска акција во БиХ приведени полициски функционери во ФБиХ, следува Република Српска

Сараево, 22 април 2024 (МИА) - Во денешната меѓународна полициската акција уапсени се повеќе лица во Федерацијата Босна и Херцеговина поради врски со нарко картелот „Тито и Дино“, јави  сараевскиот портал Кликс , дополнувајќи дека операцијата се проширува и на Република Српска.

Обвинителството на Босна и Херцеговина претходно соопшти дека акцијата  е со цел гонење лица осомничени за организиран криминал, неовластена трговија со големи количества наркотични дроги, перење пари и други поврзани кривични дела. Тие додаваат дека операцијата била поддржана од ФБИ, ДЕА и Европол.
 
Во акцијата ќе се вклучи и Министерството за внатрешни работи на РС  бидејќи, според Кликс, истрагата се проширува и на лица од тој ентитет во Босна и Херцеговина.
 
Досега повеќе од десет лица се уапсени во акцијата спроведена од припадници на МВР на кантонот Сараево, Зеничко-добојскиот кантон и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА).

Сараевски Аваз објави дека по наредба на Обвинителството на БиХ досега се уапсени шефот на Специјалната полиција на МВР на Федерацијата БиХ (ФУП) Мустафа Селмановиќ и сараевскиот бизнисмен Гордан Мемија. Приведен е и Вахидин Муњиќ, в.д. директор на ФУП.

Меѓу уапсените се Емир Друшиќ, Адин Ќатиќ и Сенад Кадиќ, специјалци на ФУП, кои пред осум години го чуваа наркобосот Един Гачанин Тито во Сараево. Уапсени се и Миладин и Дражен Чобовиќ, поранешни членови на ФУП, кои го чуваа и Гачанин во Сараево. Неколку лица се уапсени во Мостар и Зеница, каде се уште траат претресите.
 
Порталот Аваз наведе дека во Сараево е уапсен и директор на приватна компанија.
 
Наркобосот Един Гачанин, познат како Тито, во ноември минатата година склучи договор со Обвинителството во Холандија и беше осуден на седум години затвор и парична казна од еден милион евра за шверц на дрога.
 
Един Гачанин е најголемиот балкански наркобос, кој има холандско државјанство, а на американската „црна листа“ е од март минатата година.
 
Роден во Сараево, Гачанин во својот картел вклучил членови на неговото семејство и пријатели од Босна и Херцеговина. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан